• четврток, 26 декември 2024

Повторно одложено судењето за пожарот во тетовската модуларна болница

Повторно одложено судењето за пожарот во тетовската модуларна болница

Тетово, 14 октомври 2022 (МИА) - По втор пат се одложи почетокот на судењето за пожарот во модуларната болница. Овој пат причина беше тоа што двајца од обвинетите Бобан Вучески и Артан Етени немаа обезбедено адвокати кои ќе ги бранат во процесот. Судијата Јордан Велковски го одложи за 8 ноември во 10 часот. 

 

До судење дојде откако на 27 јули Обвинителството поднесе обвинителен предмет од Основен суд Тетово.  Со тој предлог ОЈО Тетово ги обвини двајцата директори на Клиничка болница Тетово Фљорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело тешки дела против општата сигурност и докторот Бобан Вучевски за кривично дело непостапување според здравствени прописи за време на епидемија, додека правното лице ЈЗУ Клиничка Болница Тетово за кривични дела предизвикување на општа опасност и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.

Обвинителството десет месеци водеше истрага во која стручни анализи и вештачења беа направени од МВР, Технолошкиот факултет,  електроинжинер  и експерти и истражители од сојузната криминалистичка полиција на Германија.

Во октомври 2021 по вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор-апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред, информираше Обвинителството.

Тогашните двајца директори на тетовската болница поднесоа оставки, но останаа на функциите се до преструктуирањето во Владата. Пожарот во модуларната ковид болница се случи на 8 септември минатата година. Во огнената стихија која за неколку минути до темел го изгоре објектот, животот го загубија 14 луѓе, а повеќе пациенти беа тешко повредени. ас/дма/

Остани поврзан