• вторник, 12 ноември 2024

Повторно немири на Нова Каледонија

Повторно немири на Нова Каледонија

Нумеја, 24 јуни 2024 (МИА) – Во повеќе градови на францускиот тихоокеански архипелаг Нова Каледонија синоќа повторно избија немири при што биле нападнати припадници на полицијата.

Насилствата се предизвикани откако неколкумина сепаратисти, меѓу кои и лидерот на Келијата за координација на теренските дејствија, Кристијан Тејн, осомничен за организирање на бунтови, беа префрлени во континентална Франција на издржување на затворска казна.

Во градот Думбеја беше запалена зградата на локалната полиција и четири оклопни возила. Во судирите помеѓу полицијата и сепаратистите во градот Бураил повреден е еден човек.

Од 13 мај Нова Каледонија е зафатена од насилни немири предизвикани од протестите против изборниот закон, со кој им се дозволуваше на лицата кои се преселија на територијата пред најмалку 10 години да гласаат на локалните избори. Според противници на законот со тоа би се намалило политичкото влијание на домородното население на архипелагот. Во насилството загинаа девет лица, вклучително и двајца жандарми, а предизвикана е огромна штета која се проценува на над една милијарда евра. Во средината на јуни, претседателот Емануел Макрон го суспендираше нацрт-законот со кој се предвидуваше уставна реформа за менување на изборните критериуми за избори во провинциите на Нова Каледонија. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан