• четврток, 26 декември 2024

Повредени две млади лица во физички напади во Скопје

Повредени две млади лица во физички напади во Скопје

Скопје, 21 август 2024 (МИА) - Двајца млади се здобиле со повреди и завршиле в болница, во физички напади на територија на Скопје изминатата ноќ, информираат попладнево од Министерството за внатрешни работи.

- Во 22.10 часот, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР - Скопје ги лишиле од слобода А.Ш., на возраст од 22 години од село Петровец и Б.В., 21-годишно лице од село Зелениково. Тие се сомничат дека околу 20.20 часот во населено место Дрма, скопско, физички го нападнале 22-годишниот З.Н. од село Мралино, општина Илинден, по што Б.В. со остар предмет му нанел убодни рани. З.Н. бил пренесен во Градската општа болница „Свети Наум Охридски“, а лицата биле задржани во полициска станица, се наведува во соопштението.

Рано изутринава пак, во 1.45 часот во СВР - Скопје, од Комплекс клиники „Мајка Тереза“ било пријавено дека со повреди и за укажување помош кај нив дошол 22-годишниот Ф.Р. од Куманово.

- Според пријавеното, околу еден часот во парк на подрачјето на Карпош, тој бил физички нападнат од неколку лица, при што се здобил со повредите, се појаснува во соопштението.

Се преземаат мерки за расчистување на случаите. бд/ев/

Фото: МИА архива

Остани поврзан