• недела, 24 ноември 2024

Повик за полагање приемен испит за Математичко-информатичката гимназија

Повик за полагање приемен испит за Математичко-информатичката гимназија
Скопје, 1 април 2022 (МИА) - Министерството за образование и наука објави повик за полагање приемен испит на учениците кои се заинтересирани за запишување во Математичко-информатичката гимназија (МИГ) во учебната 2022/2023 година. За прием во МИГ учениците треба да полагаат два предмета - математика на 1 јуни  и физика на 3 јуни 2022 година. Двата испита (писмено проверување по предметите) ќе бидат со почеток во 10 часот и ќе траат 120 минути. Приемниот испит ќе се реализира во просториите на СГГУГС „Здравко Цветковски“ во Скопје, каде што втора учебна година се сместени и паралелките на МИГ. Според Конкурсот на МОН за упис во прва година средно образование, кој беше објавен вчера, во оваа гимназија е предвидено да се запишат 68 ученици во две паралелки – по 34 ученици за настава на македонски и за настава на албански јазик. Во Математичко-информатичката гимназија може да се запишат редовни ученици кои од шесто до деветто одделение во основното образование имаат општ успех од најмалку 4,5, оценка 5 по наставните предмети математика од шесто до деветто одделение и физика од осмо и деветто и да имаат доставено потврда со бројот на освоени бодови од приемниот испит. - Приемниот испит се состои од полагање тестови согласно наставните програми по математика од VI до IX одделение и наставните програми по физика за VIII и IX одделение. Кандидатот/кандидатката писмено се проверува со два поединечни теста по математика и по физика и секој од нив треба да содржи по четири задачи со понудени одговори, четири задачи со дополнување и четири задачи со целосна постапка на решавање, се наведува во Јавниот повик. Рокот за пријавување за приемниот испит е 30 мај 2022. Во јавниот повик е појаснет начинот на аплицирање и е достапно за преземање Писмо на интерес со податоци за ученикот и родителот / старателот и адресата на која треба да се прати. хс/сп/

Остани поврзан