• понеделник, 23 декември 2024

Повеќе од 550 учесници од девет земји дел од годинешното издание на „Џифони Македонија“

Повеќе од 550 учесници од девет земји дел од годинешното издание на „Џифони Македонија“

Скопје, 4 октомври 2023 (МИА) - Повеќе од 550 учесници од девет земји утре ќе бидат дел од 11. издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ во Скопје. Фестивалот ќе се одржи во Младинскиот културен центар (МКЦ), Кинотеката и кино „Милениум“ до 10 октомври, каде џифонците ќе гледаат филмови, ќе дискутираат и ќе учествуваат на креативни работилници.

Фестивалот утре вечер ќе се отвори со прикажување на филмот „Вратената“ во режија на Џузепе Бонито, снимен според истоимениот роман на Донатела ди Пјерантонио, во киното „Милениум“.

Како што изјави на денешната прес-конференција директорот на фестивалот, Дарко Башески, годинава освен од нашата земја, на фестивалот се очекуваат 40 учесници од Италија, Србија, Хрватска, Косово, Босна, Грција, Бугарија, Романија и Франција.

-Се враќаме со полна енергија, со преполни сали бидејќи местата за учество на фестивалот се пополнети уште пред две, три недели. Првата група се пополни за првите десет дена, и очекуваме дека ќе имаме преполни сали и нормален фестивал полн со живот на задоволство на нашите најмлади, рече Башески.

Тој додаде дека оваа година ќе има петнаесет долгометражни филмови во официјална конкуренција поместени во три категории, односно кадети (од шесто до девето одделение), јуниори (прва и втора средно) и сениори (трета и четврта). Ќе проследат 46 краткометражни играни, документарни и анимирани филмови, а добар дел од нив се филмови направени од нивни врсници од целиот свет.

Од филмовите што ќе бидат прикажани во рамките на фестивалот, учесниците ќе можат да се запознаат и да учествуваат на дискусиите со режисерката Дина Дума (кај сениорите), рускиот режисер Олег Асадулин (кај јуниорите) и српската актерка Миона Илов (кај кадетите).

Ќе бидат реализирани девет работилници - три за јуниори и шест за кадети и сениори.

Нов сегмент на фестивалот е ЕПИК - проект за промоција на мирот преку креативност кај младите, поддржан од Министерството за надворешни работи и меѓународната соработка на Италија. Поддржан е од италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка во рамките на програмата која има за цел да придонесе за стабилизацијата во регионот и за поддршка на процесите за пристап кон ЕУ.

ЕПИК предвидува серија активности, особено во рамките на 11. издание на фестивалот, насочени кон промовирање на мирот, европските вредности и човековите права, преку филм, уметност и култура и активно вклучување на младите во создавањето на филмски и ументички остварувања кои имаат моќ да пренесат пораки за мир наменети за младата публика.

Во рамките на ЕПИК, ќе бидат прикажани 17 краткометражни филмови што ќе се натпреваруваат за три награди. Ќе бидат организирани две панел дискусии на тема ЕПИК со претставници од филмски фестивали за деца и млади од регионот.

Дел од програмата ќе бидат и две презентации на нови кратки филмови од млади автори од нашата држава, „Метаморфозис“ ќе одржи презентација на тема лажни вести и нивна проверка, а ќе се реализира и средба со основачите на брендот „Filmthusiast“.

Како што најави на денешната прес-конференција Деа Крстевска Тамборини, програмски директор на Фестивалот, в понеделник ќе биде прикажан и грчко-италијанскиот документарен филм „Учесниците од Умберто Примо“.

-Филмот е плод на 20 годишно истражување за она што се случувало за време на прогонот на Евреите во Грција. Имаме и гостувања на млади филмаџии од Македонија, кои ќе ги претстават своите најнови дела, а презентацијата на „Метаморфозис“ ќе се осврне на тоа како младите треба да ги препознаваат лажните вести и како да се одбранат од сето она што им се пласира преку лажните вести, да знаат подобро да се снаоѓаат во користењето на интернетот, посочи Крстевска Тамборини.

Фестивалот ќе биде затворен на 10 октомври во киното „Милениум“ кога ќе бидат прогласени победничките филмови во сите натпреварувачки категории, а ќе бидат доделени и наградите од конкурсот ЕПИК. Ќе бидат прикажани творбите и сценските изведби подготвени од учесниците на креативните работилници.

Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од Џифони Експириенс, Агенција за филм, италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка, како и од Град Скопје, МКЦ, Кинотека на Македонија, Амбасадата на Италија во Скопје и други институционални и приватни поддржувачи. бт/ац/

Фото: МИА

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан