• среда, 25 декември 2024

Повеќе од 220 жртви во поплавите и одроните во Мјанмар

Повеќе од 220 жртви во поплавите и одроните во Мјанмар

Непјидо, 17 септември 2024 (МИА) - Бројот на загинати лица во Мјанмар од тајфунот Јаги се искачи на повеќе од 220, додека речиси 80 лица сè уште се водат како исчезнати, објави воената влада.

Тајфунот на почетокот на септември го зафати северен Виетнам, Лаос, Тајланд и Мјанмар и досега однесе над 500 животи во регионот, според официјални податоци.

Јаги предизвика сериозни поплави и одрони во Мјанмар, при што најмалку 226 лица загинаа, а цели села се уништени.

Со стотици илјади хектари уништени насади, ОН предупреди дека на повеќе од половина милион луѓе во оваа од војна разурната земја им е итно потребна храна, вода за пиење, засолниште и облека.

Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (UNOCHA) соопшти дека околу 631.000 лица се погодени од поплавите во Мјанмар.

Агенцијата додаде дека се прекинати комуникациските линии, патиштата се блокирани, а мостовите оштетени, што сериозно ги попречува обидите за доставување помош.

Лошата комуникација, особено со оддалечените области, дополнително ја отежнува прибирањето податоци за жртвите.

Според Светската програма за храна (WFP), овие поплави се најлоши во поновата историја на Мјанмар. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан