• вторник, 24 декември 2024

Повеќе од 100.000 лица протестираа во Валенсија поради бавната реакција на властите во  поплавите

Повеќе од 100.000 лица протестираа во Валенсија поради бавната реакција на властите во  поплавите

Валенсија, 10 ноември 2024 (МИА)  - Над 100.000 лица протестираа во саботата вечерта во Валенсија, на истокот на Шпанија, поради бавната реакција на регионалните власти за време на разорните поплави во кои загинаа повеќе од 220 лица, а на крајот од протесто дојде и до судири со полицијата, јавиваат шпанските медиуми.  

Шпанската агенција Ефе, повикувајќи се на владини официјални извори, објавија дека на протестот по улиците на Валенсија синоќа излегле 130.000 лица, обвинувајќи ги локалните власти дека предоцна издале предупредувања за поплави.

Би-Би-Си потврди дека на крајот од протестот гневните демонстранти се судрија со полицијата.

Зградата на градското собрание беше измачкана со кал, а градоначалничkата Марија Хозе Катала на социјалните мрежи објави фотографии од скршени прозорци и видео на кое се гледа пожар.

„Вандализмот не е решение“, напиша таа.

Демонстрантите се собраа синоќа во центарот на Валенсија барајќи оставка од лидерот на регионалната влада Карлос Месон, извикувајќи „Убијци“, јавија британските медиуми.

„Нашите раце се извалкани со кал, вашите со крв“, пишуваше на еден од транспарентите, а демонстрантите ги извикуваа тие зборови.

Дел од нив во знак на протест фрлаа калливи чизми пред општинската зграда.

Жителите на погодените области го обвинуваат Месон дека го издал предупредувањето предоцна - во 20:00 часот на 29 октомври, откако водата веќе поплавила многу околни градови и села.

Месон рече дека предупредувањето би го издал порано доколку телото задолжено за следење на водите навреме ги известило властите за сериозноста на ситуацијата.

Најмалку 223 лица загинаа во поплавите, а речиси 80 лица се уште се водат како исчезнати во најсмртоносните поплави во една европска земја од поплавите во Португалија во 1967 година, кога загинаа околу 500 лица. сд/

foto>EPA

Остани поврзан