• среда, 25 декември 2024

Повеќе активности во рамки на настанот „Нова енергетска визија за Битола“ во битолската „Европска куќа“

Повеќе активности во рамки на настанот „Нова енергетска визија за Битола“ во битолската „Европска куќа“

Скопје, 10 јуни 2024 (МИА) - Во битолската „Европска куќа“ (Europe House Bitola) се одржа настанот „Нова енергетска визија за Битола“. Целта беше промовирање нови иновативни форми на еколошка едукација и активизам кај локалната заедница. Идејата беше насочена кон претставување на еколошките проблеми од работата на термоцентралите и од фосилните горива и истовремено, предлагање решенија и инвестиции за надминување на оваа состојба, информираат попладнево од Младинскиот културен центар - Битола.

- Настанот беше составен од саем за технички изработки на млади талентирани тимови од СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ - Битола. Тие се претставија со повеќе од 10 изработки - прототипови на модели што претствуваа креативни решенија за намалување на потрошувачката на енергија, подобрување на енергетската ефикасност, обновливи извори на енергија - фотоволтаични и ветерни централи и слично. Победник на саемот за технички илустрации беше тимот што го изработи проектот „Соларен панел кој ја следи сончевата светлина“ под менторство на професорката Марија Трајкоски, се наведува во соопштението.

Во склоп на настанот, имало и изложба на технички илустрации што се фокусираат на теми поврзани со производството, дистрибуцијата, складирањето или искористувањето на енергијата. Изложбата имала натпреварувачки карактер. Прво место освоил Дамјан Талевски од ОУ„Даме Груев“ со илустрацијата - предлози за добивање „зелена“ енергија во Битола, под менторство на професорката Валентина Степановска Андонова.

- Како додадена вредност на настанот ни беше и просторот за „Визија кафе“ со импровизиран кафе бар, каде посетителите имаа можат да си нарачаат кафе преку посебно крирано мени, што ги содржеше „Flagship“-проектите за регионите на Битола и Кичево. Проектите беа креативно и интересно претставени во форма на мени за кафе и посетителите имаа можност да ги погледнат и да гласаат за најдобриот проект. А за возврат, да добијат бесплатно кафе и да уживаат во креативната атмосфера на целиот настан. Со оваа активност, што е карактеристична за битолчани - пиењето кафе на „Широк сокак“, сакавме на целиот настан да му дадеме една креативна и атрактивна димензија, што ќе ги привлече битолчани да ги посетат саемот и изложбата и да се запознаат со алтернативните начини на производство, дистрибуција, складирање и искористување енергија, пишува во соопштението.

Младински културен центар - Битола, се додава во соопштението, e општествено одговорна организација што се грижи за подобрување на квалитетот на живот на младите во пелагонискиот регион, преку преземање активности и акции поврзани со подигање на свеста и едукација на младите луѓе, но и мобилизација на заедницата за зачувување на животната средина. Заштитата на животната средина не се однесува само на загадувањето, се нагласува, туку и на одржливиот развој и заштита на природните ресурси.

- Преку образовните програми, кампањите за свесност и активизам што ги нудат граѓанските организации, младите можат да создадат многу влијателни платформи за промоција на одржливи енергетски практики и зелени политики. Тие можат да бидат катализатори за промени во законодавството и политиките што ќе ги олеснат инвестициите во обновливите извори на енергија и ќе ја подобрат енергетската ефикасност. Проектот „Битола без јаглен“ на Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, во чии рамки се реализираше оваа активност, има за цел подигнување на јавната свест за штетноста од користењето на фосилни горива при работењето на термоцентралите, особено во битолскиот регион, подвлекуваат од Младински културен центар - Битола. бд/лв/

Фото: Младински културен центар - Битола

Остани поврзан