• среда, 02 октомври 2024

Победнички старт на Пелистер во АБА 2

Победнички старт на Пелистер во АБА 2

 

Битола, 1 октомври 2024 (МИА) – Кошаркарите на Пелистер со победа стартуваа во регионалната АБА 2 лига, откако вечерва во Битола триумфираа над Широки Брег со 74-72 во рамки на воведното коло во групата Ц.

Дуелот беше од огромно значење бидејќи беше прв меч во историјата што Пелистер го игра во Битола во едно меѓународно натпреварување, а тренерот Александар Петровиќ и неговите избраници со помош на поддршката од трибините стигнаа до резултатот што го посакуваа.

Битолчани го контролираа резултатот од самиот почеток и заминаа на полувреме со предност од 37-33, која достигна плус 13, (67-54) на пет минути пред крајот.

Упорноста на гостинскиот тим го однесе дуелот во неизвесна завршница, во која на 80 секунди пред крајот ја намалија негативата на 71-69.

Сепак, Пелистер не дозволи целосен резултатски пресврт и со тројката на Никола Мишковиќ стави точка на премиерната победа.

Најефикасни во составот на Пелистер беа Брајан Антоан со 16 и Мишковиќ со 13 поени. ег

ФОТО: КК Пелистер/Фејсбук

vranec_world_day_2024_300x250

Остани поврзан