• четврток, 26 декември 2024

Плоштадот „Гоце Делчев“ во Битола ќе биде пешачка зона

Плоштадот „Гоце Делчев“ во Битола ќе биде пешачка зона

Скопје, 14 јуни 2024

 

Со цел растеретување на сообраќајот во централното градско јадро, по примерот на европските градови, општина Битола, во континуитет работи на спроведување на решенија кои ќе ја намалат фреквенцијата на возилата во центарот на градот, а со тоа ќе се влијае на подобра уреденост, зголемена безбедност на учесниците во сообраќајот и намалување на аерозагадувањето од возилата во центарот на Битола. Во оваа насока, градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, побара од јавното претпријатие за урбанистичко планирање, проектирање и инженеринг изработка на Основен сообраќаен проект за воведување на пешачка зона на плоштадот „Гоце Делчев“. Сообраќајниот проект се работи според сообраќајна студија и идеен сообраќаен проект со динамичка микроскопска симулација за организирање на режим на сообраќај во централно градско подрачје во Битола. Претворањето на паркингот во пешачка зона е само еден дел од целата студија, а изработени се и два сообраќајни проекти за централното градско подрачје за претворање на улици од двонасочен во еднонасочен сообраќај, пешачки зони, смирен сообраќај и друго.

Покрај тоа што паркингот ќе стане плоштад, општината ќе побара од јавноста и експертите во областа, да понудат идејно решение кое ќе даде добра насока за целосно уредување на плоштадот со нови содржини.

Дополнително, за да не се појават недостатоци на паркинг места, локалната самоуправа работи на подготовка на проектна документација и уредување на паркинг простори на повеќе локации, како што се Декорпод, Ат Пазар, Овчи пазар, соодветно се адаптира просторот кај поранешен ЈАТ, паркинг просторот на улицата Цане Василев, а ќе следуваат и површините наменети за паркирање кај улиците Нико Фундали, Никола Русински, просторот меѓу зградите таканаречени „Хеликоптери“, како и делот зад СВР Битола. Со организирани активности и во координација со ЈП Паркинзи, веќе се работи и на поттикнување на граѓаните за активно користење на постоечките обележани паркинг простори и надминување на проблемите со паркирање на возилата на несоодветни места и зелени површини.

Општина Битола

фото: Општина Битола

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Остани поврзан