• вторник, 24 декември 2024

Пленковиќ: Со кандидатурата на Милановиќ паднаа маските

Пленковиќ: Со кандидатурата на Милановиќ паднаа маските

 Загреб, 15 март 2024 (МИА)  -  Премиерот и претседател на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) Андреј Пленковиќ денеска изјави дека најавата на претседателот Зоран Милановиќ дека ќе се кандидира за премиер покажува дека маските конечно паднале.

„До денеска имавме скриен лидер на опозицијата, а сега имаме малку калкулантски претседател и мал кандидат кој мисли дека нема да загуби како што загуби во 2016 година и ќе му покажеме дека тој и Социјалдемократската партија ( СДП) исто така ќе загуби, по третпат“, рече Пленковиќ на состанокот на ХДЗ во Осиек, јави Хрватската радио-телевизија.

Тој оцени дека Милановиќ направил „паничен потег“ што покажува, како што рече, дека СДП и опозицијата се слаби и дека се плаши од хрватското државно обвинителство.

Претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ денеска соопшти дека на претстојните парламентарни избори на 17 април ќе биде кандидат на опозициската Социјалдемократска партија за премиер и носител на листата во Првата изборна единица. Претходно тој како претседател на државата денеска ги распиша парламентарните избори за среда на 17 април, откако пратениците вчера го распуштија Собранието. зш/

Остани поврзан