• среда, 13 ноември 2024

Пленарната седница за интерпелацијата на претседателот на Собранието закажана за 3 септември

Пленарната седница за интерпелацијата на претседателот на Собранието закажана за 3 септември

Скопје, 20 август 2024 (МИА) - Интерпелацијата за претседателот на Собранието Африм Гаши е ставена на дневен ред на 13. пленарна седница закажана за 3 септември. 

Барањето за интерпелција на претседателот на Собранието го поднесоа шестмината пратеници на Левица наведувајќи дека Гаши уште од почетокот на неговото назначување работи своеволно, нестручно, несовесно и непрофесионално „и згора на сѐ противзаконски неуставно и неделовнички“. Како што се наведува, Гаши ја повредил секуларноста на државата кога на собраниска седница за одбележување на геноцидот во Сребреница заедно со други присутни изведе групна верска молитва.

Како втора причина за барање одговорност од Левица го наведуваат инцидентот со косовската претседателка Вјоса Османи на скопскиот аеродром. Според Левица, Гаши како претседател на законодавниот дом направил и повреда на употребата на македонскиот јазик затоа што заклетвата што ја даде како веќе избран претседател прво ја даде на албански, а не на македонски јазик. Сметаат и дека го злоупотребил Законот за државни симболи затоа што во слата во која се одржуваат пленарните седници на Собранието се поставени и симболи на НАТО и на Европската Унија, а не ставил на дневен ред точка за констатирање на престанок на пратеничката функција на Талат Џафери кој во исто време сѐ уште ја извршуваше функцијата технички премиер.

Пратениците од Левица наведуваат и дека при посетата на Гаши на Вашингтон за време на Самитот на НАТО со него патувала и неговата сопруга.

Според нив, Гаши не го почитува Деловникот затоа што седниците траат до доцна во ноќта, редовните координации меѓу партиите се случуваат „про форма“, а не ги почитувал и роковите за закажување седници. ев/вг/

ФОТО: МИА Архива 

 

Остани поврзан