• среда, 25 декември 2024

Планинарски марш по повод 148 години од Разловечкото востание

Планинарски марш по повод 148 години од Разловечкото востание

Делчево, 26 мај 2024 (МИА) - Планинарскиот спортски клуб „Голак" од Делчево го реализираше традиционалниот планинарски марш по повод 148 години од Разловечкото востание и 24 Мај - Денот на сесловенските просветители Св.Кирил и Методиј. Маршот, како што информираше претседателот на клубот Љупчо Чучуковски, се одвивал во должина од девет километри, опфаќајки дел од патеката по која во 1876 година, главниот организатор Поп Стојан од Разловци го водел Разловечкото востание, првото вооружено востание против Отоманското ропство.

-Маршот се одвиваше според следната маршрута - Село Тработивиште (Пијанечка котлина) 650 м.н.в. - Свети Води (падини на планината Средна) 730 м.н.в. – Село Разловци (падини на планината Обозна) 690 м.н.в. во вкупна должина од 9 километри која е лесна планинарска патека, рече Чучуковски.

За планинарскиот спортски клуб, ова е многу значајна маршута.

-Освен тоа што маршот се реализираше на дел од патеката каде во 1876 година, главниот организатор Поп Стојан од Разловци го водел Разловечкото востание, тука е и месноста Светите води. Се наоѓа на 730 м.н.в.каде непрекинато течат три извори со вода посветени на Св.Богородица, Св.Недела, Св.Петка на падините на планината Средна, месност за која научната фела тврди дека овде се наоѓала испосничката ќелија во која браќата Св.Кирил и Методиј ја напишале Глаголицата. Во близина над самиот локалитет се наоѓаат разни остатоци од стари градби, за што исто така научната фела тврди дека овде се наоѓа некогашниот Равен Град, додаде Чучуковски.

Претседателот на ПСК Голак Делчево, за време на маршот ги запознал членовите на младинската секција, при клубот кои биле најбројни за географските поими, топоними и локации. Најави дека и во иднина, планираат да ги промовираат значајните културно-историски места во Пијанец и поширокиот регион.вс/бт/

Фото: МИА

Остани поврзан