• вторник, 29 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Планинарскиот клуб „Љуботен“ одбележува 100 години постоење, средба на Сиљановска-Давкова со претставници на планинарскиот клуб

Планинарскиот клуб „Љуботен“ одбележува 100 години постоење, средба на Сиљановска-Давкова со претставници на планинарскиот клуб

Скопје, 15 април 2025 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со претставници на Планинарскиот клуб „Љуботен“ по повод стогодишнината од постоењето на најстариот македонски планинарски клуб.

Честитајќи им го големиот јубилеј, таа истакна дека не само таа, туку и широката јавност ги цени и високо ги вреднува нивните досегашни активности во планинарството, во коишто препознава не само спорт, туку и посебна филозофија на живот, неразделен  од коегзистенцијата со природата, инспириран од еколошката свест и решеноста да се негува,  сочува и да им се остави во наследство и на идните генерации.

Претседателката, како што оопшти нејзиниот Кабинет, ја потенцирала неповторливата и незаборавна убавина на Шар планина, издвојувајќи ја „Лешница" како нејзин планински бисер и потсетувајќи на прекрасните времиња на манифестирана и докажана љубов и почит кон планината и природата. 

Претставниците на клубот, како вљубеници во Шара, со особена посветеност раскажале за реализираните проекти, но и за претстојните активности годинава, како: традиционалното искачување на Титов Врв, летното ноќно искачување на Љуботен, младинското кампување во Вратница и реализирањето на планинската трка.

Гостите ја информирале претседателката за Свечената академија, како централен настан во рамките на прославата, на која ќе учествуваат бројни друштва од земјава и од регионот.

Сиљановска-Давкова, како што е наведено во соопштението, пројавила особен интерес за некои проекти на Клубот, како: Музејот на планинарење и скијање, првиот Инфо-центар за Шар Планина и обновата на Планинарскиот дом „Љуботен“.

Според неа, постојаната грижа и заштита на природата не е само поединечна и колективна, ниту локална, туку национална обврска кон идните генерации коишто имааат право на здрава и убава животна средина, како непотрошно и неотуѓиво човеково право. 

Едновековната шарпланинска приказна, според претседателката, мора да продолжи како безрезервна љубов кон природата, височините, зеленилото, снегот, водите, ливадите, цвеќињата, тишината и мирот. дма/са/

Фото: Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова 

Остани поврзан