• среда, 25 декември 2024

Планинарскиот клуб „Голак“ од Делчево одбележа 8 години постоење

Планинарскиот клуб „Голак“ од Делчево одбележа 8 години постоење
Делчево, 16 мај 2022 (МИА) - Планинарско-спортски клуб „Голак“ од Делчево со низа активности викендов одбележа осум години од своето постоење. Роденденот, како што информира претседателот на клубот, Љупчо Чучуковски, беше одбележан со искачување на врвот Бело Брдо на планината Влаина. - Викендов планинарскиот спортски клуб „Голак“ од Делчево со неколку свои членови, како и со неколку младинци од младинската секција на клубот, имавме еднодневен камп. Најпрво реализиравме посета на природниот феномен Црнички мелови, место познато и како Бедленд. Притоа искачен беше врвот Бело Брдо на 1 198 метри надморска висина, каде имавме кратко предавање за значењето на Црничките мелови, рече Чучуковски. Во рамки на едукативните предавања, како што додаде, со младите било реализирано и предавање од областа на ориентацијата за употреба и користење на компас, ориентација во простор, употреба на ГПС уред, мобилни уреди, топографска мапа, координати и движење по планинарски патеки. На крај од настанот за планинарите со најголем допринос за клубот во 2021 година биле доделени и благодарници и диплома за најдобар планинар. - Благодарници добија Општинската организација на Црвен крст Делчево, кои традиционално ни помагаат во нашите активности и општествено одговорната фирма Брегал, Делчево. Признание за посебни резултати добија нашите членови Анастасија Арсланова од град Пештера и Тихомир Костовски од град Софија, Р. Бугарија. Дипломата за најдобар планинар годинава ја добија нашите младински лидери Магдалена и Искра Ѓеоргиевски, информираше Чучуковски. По завршувањето на маршот планинарите го посетиле селото Стар Истевник каде присуствувале на селската слава по повод празникот Св. Атанасиј. вс/ар/

Остани поврзан