• среда, 27 ноември 2024

Пламен Тотев е добитник на почесното Рациново признание за 2023-та

Пламен Тотев е добитник на почесното Рациново признание за 2023-та

Велес, 5 јуни 2023 (МИА) - Годинашен добитник на Почесното Рациново признание за 2023 година е Пламен Тотев, литературен критичар и истражувач, издавач и автор на текстови на популарни песни во Бугарија.

-Тој досега издал 55 книги од 34 македонски автории  ги превел на бугарски јазик  Речиси сите овие автори ја посетиле Бугарија за промоција на своите книги, со многу појавувања во медиумите и средби со читателите, најмногу во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија, но и во други градови во Бугарија, информира на денешната прес-конференција Ненад Витанов од организацискиот одбор на Рацинови средби од „Плус Публика“ кој ги организира во соработка со Општина Велес.

Почесното Рациново признание ќе му биде врачено во рамките на годинашните 60. Рацинови средби што од 9 до 15 јуни ќе се одржат во Велес, во чест на поетот и револуционер Коста Солев Рацин. Истото високо признание традиционално се доделува заради афирмација на македонската литература и јазик во странство.

-Пламен Тотев е многу значаен бидејќи работи на промоција на македонската литература и јазик во Република Бугарија и претставува еден мост меѓу двете земји. Тој во овие времиња е исклучително значаен, потенцира Витанов.

Меѓу објавените автори се Луан Старова, Оливера Николова, Владимир Плавевски, Јагода Михаиловска-Георгиева, Киро Донев, Паскал Гилевски, Венко Андоновски, Драги Михаиловски, Томислав Османли, Александар Прокопиев, Душко Родев, Влада Урошевич, Блаже Маневски, Ермис. Лафазановски, Горјан Петревски, Киро Донев, Димитар Башевски, Михајло Свидерски, Фросина Пармаковска, Петар Андоновски, Давор Стојановски, Живко Грозданоски, Ненад Јолдески, Натали Спасова, Игор Станојоски, Сашко Насев, Стефан Марковски, Сашко Насев, Ксенија Николова, Винка Саздова, Ѓорѓи Крастевски.

За Рациновото признание за 2023 се во трка 14 македонски автори, а добитникот на оваа висока книжевна награда за проза ќе биде соопштен на 9 јуни. За признанието одлучува жири комисијата во состав: Јасминка Делова Силјановска претседател, Снежана Петрова Џамбазова член и Маја Апостоловска член.

Пламен Тотев е роден на 23 март 1964 година во градот Ловеч. Дипломирал бугарска филологија на Универзитетот „Свети Климент Охридски“. Специјализирал историска поетика на бугарската книжевност. Објавил бројни написи од книжевна критика. Во Издавачките куќи „Изида“ и „Персеј“ од Софија, до 2023 година, издал 55 книги преведени од македонски на бугарски јазик од 34 македонски автори.

Автор е на книгите „За место на врвот“ (1994), „Бугарскиот епски сон“ (1995) и „Животот на класиците“ (2014, издадена на македонски јазик во 2021 година во „Македоника литера“), како и 20 учебни помагала. Автор е на стиховите на популарни песни изведени од познати бугарски пејачи како дуетот „Шик“, Емилија, Рени, Петја Бујуклиева, Тања Боева итн. Автор е на четири антологии на домашни и меѓународни љубовни текстови. Добитник е на награди за книжевна критика („Бојан Пенев“ и весник „АБВ“), како и на „Македонски литературен Дедал“ (2019).

Член е на Сојузот на бугарските писатели. Претседател е на жирито на два поетски конкурси - меѓународниот „Лирски гласови“ и националниот конкурс за љубовни текстови „Горко вино“.

Експерт е во програмската комисија „Култура“ за бугарското претседателство со Европската унија (2018) од областа на културно-историското наследство, фолклорот и литературата. Експерт (2018 - 2021) во Националниот„Култура“ при Министерството за култура на Република Бугарија (програма „Дебита“).

Во 2004 година ја основа издавачката куќа „Персеј“, која стана една од најактивните издавачки куќи во Бугарија. Во 2015 година, „Персеј“ ја доби наградата „Златен лав“ за издавачка серија со најширок јавен одзив во Бугарија („Светски класици“).

Во 2012 година основа уште една издавачка куќа - „Изида“, специјализирана за издавање бугарска и европска литература за деца и возрасни.

Од 2015 година, „Персеј“ и „Изис“ станаа главни издавачки куќи кои издаваат и промовираат современа македонска литература во Бугарија. ад/мс/

фото: Општина Велес

Остани поврзан