• среда, 27 ноември 2024

Пламенот во Нов Истевник згасна, но тагата и очајот кај погодените жители останаа да тлеат

Пламенот во Нов Истевник згасна, но тагата и очајот кај погодените жители останаа да тлеат
 Скопје, 16 август 2021 (МИА) - Пламенот згасна, но тагата и очајот кај жителите на село Нов Истевник останаа да тлеат. Велат имало пожари и порано, ама овој ќе остане запаметен. Тие за МИА открија колку е тешко да се поверува во моќта на огнот, кој само за миг го однел она што е со години градено. - Ситуацијата беше многу страшна, тука се беше запалено, и јас ќе изгорев и се, на една нива тука горе се изгоре, сливи, дрва, што не, од една страна гасни од друга гасни, никој немаше време да погледне кај црквата, изгоре и црква и гробишта, камо среќа да не доживеев ова да го видам, вели Ѓорѓија Станоев. Поради изгорените бандери и немањето струја ја исфрлил цела храна, бидејќи немал каде да ја чува. Славе Никовски е исто така жител кој не беше поштеден од пламените јазли, тој освен што брои изгорена стока, воедно е и во потрага по дел од онаа која за време на пожарот ја испуштил. - Со ред уништуваше, прскавме со пумпи, вадевме вода од бунарот и прскавме, бог да чува луѓе, ова е страшна работа, Господ да не даде на никој, раскажув тој. Слободан Николовски се надоврза дека огнот многу брзо зафатил голема површина од дворот. - Од таму привикаа, трчајте гори, тоа одеднаш околу нас буре запалено, дури да отрчаме на едната страна, од другата беше се зафатено, среќа што не настрада некој од нас, бидејќи нема што да правиме, немоќта е голема, додава Николовски. МИА разговараше и со друг жител, очевидец. Според него, среќа е што барем нема човечки жртви. - Стравот е голем, нема да го заборавиме никогаш, глетката беше страшна уште кога зафати пожарот во шумата имаше мајка со дете само што го виде почна да плаче, изјави тој. Јавната свест важен предуслов за намалување на пожарите во шумските предели   Од Центарот за управување со кризи како причинителите за пожари ги издвојуваат човекот, намерно и ненамерно, потоа фрлените стаклени работи и друг отпад во сува вегетација, како и искрите од жици на електрични далекуводи. Зголемувањето на јавната свест за значењето на шумите и нивната економска, социјална и еколошка улога во секојдневниот живот на граѓаните налагаат поголема одговорност во управувањето со шумите, како природен ресурс, со посебен акцент на нивната заштита и контрола за огрев, техничко дрво за дрвна индустрија, градежништво, но и други шумски производи кои претставуваат значаен приход за руралното население. Ова го потврдува и претседателот на Здружението на сопственици на приватни шуми Војо Соколовски Според него, ентузијазмот не е доволен, а решението е во самоорганизацијата. - Поуката е дека мора да се самоорганизираме. Ние имаме обичај да чекаме нон стоп некој да не организира на некој начин. Мислам дека е крајно време да почнеме да размислуваме со своите глави и да почнеме локално да се организираме. Пак велам, учеството на институциите, но и на граѓаните, морам со особено задоволство да истакнам, дека беше огромно. Луѓето многу помагаа сега за пожарите кои беснееја овие десетина дена, но факт е дека фали техника, фали знаење. Само со ентузијазам тоа не се решава. Значи мора дефинитивно да седнеме и заедно со институциите да поченме да градиме некој нов систем на функционирање, порача Соколовски. Пожарите ни помогнаа да ги увидиме недостатоците во подготвеноста за справување со нив И покрај брзата реакција на институциите и успешното гаснење на пожарите, сепак на површина излегоа проблемите со кои државава се соочува кога станува збор за подготвеноста за справување со поголеми пожари. Според Соколовски, потфрламе на повеќе нивоа, а решението е длабинска и сеопфатна анализа. - Може на хартија се е прекрасно и се убаво изгледа, ама во пракса некако тешко се применува. Тука пред се имам предвид  да почнеме конечно да ги користиме искуствата од некои западни држави, кои во делот на шумарството, превентивата и заштитата ги имаат на еден многу повисок степен. Пред се јас би ја спомнал тука Словенија како држава. Ние видовме дел од опремата која е тука донесена, сега можеме да замислиме со каква опрема и со какви ресурси располагаат во матичната држава. Но, морам да напоменам дека не е сеедно да сте членка на ЕУ и да не сте во делот на набавка на техника, изјави тој. Заклучува дека проблемот не е во недостигот на идеи, туку во недејствувањето. - Тука мислам и на превенцијата и заштита од пожари, зошто ние локалните ако не дејствуваме во реално време и на конкретен начин тогаш многу тешко дека ќе можат Словенците да ни понудат баш многу и дека тие ќе ни го решат проблемот. Тие ќе дојдат, ќе завршат работа, како што и направија, и ние бевме пресреќни, презадоволни зошто тоа се случи, но тие ќе дојдат и ќе си заминат. Проблемите остануваат, а наше е тие проблеми да ги надминеме, порачува Соколовски. Опстанокот на човекот и шумите отсекогаш имал меѓусебна врска. Со други зборови шумата отсекогаш го следела развојот на човекот и била дел од неговото опкружување, силата на шумата е во воздухот што го дава, а ако го нема воздухот не нема ни нас, останува прашањето дали човештвото ќе продолжи да се самоуништува или пак, сплотени ќе и помогнеме на планетата што поскоро да се опорави. https://youtu.be/aI-jEDDlcMo Симона Србиноска ФОТО: МИА Монтажа: Аслан Вишко

Остани поврзан