• среда, 25 декември 2024

ПКК презеде одговорност за нападот врз ТУСАШ во Анкара

ПКК презеде одговорност за нападот врз ТУСАШ во Анкара

Анкара, 25 октомври 2024 (МИА) - Курдската работничка партија (ПКК) денеска ја презеде одговорноста за нападот врз комплексот на турската национална воздухопловна-вселенска компанија „ТУСАШ“ во предградието Кахраманказан на Анкара.

Во нападот загинаа пет лица, а 22 беа повредени.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, на прес-конференција во својот авион по враќањето од самитот на БРИКС во Казан, изјави дека напаѓачите влегле во Турција од Сирија. Тој повторно се заколна дека Турција ќе го искорени тероризмот во неговото „седиште“ во Сирија, и додаде дека Анкара ќе продолжи да се бори со терористите додека не бидат уништени.

Нападот го извршиле двајца напаѓачи – маж и жена, кои загинале за време на акцијата. Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја изјави дека тие се идентификувани како членови на ПКК.

Вчера, Советот за безбедност на ОН го осуди терористичкиот напад врз „ТУСАШ“ и порача дека „сите терористички дејствија се криминални и неоправдани, независно од мотивите, времето или местото каде се извршени“. Советот ги повика сите земји на „активна“ соработка со Турција и со надлежните власти, истакнувајќи ја потребата да бидат изведени пред лицето на правдата извршителите, организаторите и финансиерите на терористичките акции.

ПКК е признаена како терористичка организација од Турција, ЕУ и САД. ссм/

фото: архива

Остани поврзан