• среда, 25 декември 2024

Писториус повикува на внимателност со извештаите за причините за саботажата на гасоводите „Северен тек“

Писториус повикува на внимателност со извештаите за причините за саботажата на гасоводите „Северен тек“

Берлин, 8 март 2023 (МИА) - Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денеска изјави дека со „голем интерес“ ги чита медиумските извештаи дека проукраинска група стои зад саботажата на гасоводите „Северен тек 1 и 2“ под Балтичкото Море, но предупреди дека од него не треба да се извлекуваат предвремени заклучоци.

-Потребно е јасно да се направи разлика дали станува збор за украинска група која дејствувала по наредба на Украина или го направила тоа без знаење на (украинската) влада, изјави Писториус во Стокхолм, каде се одржува состанокот на министрите за одбрана на Европската унија.

Писториус кажа дека некои експерти дури ја зголемуваат можноста дека ова е операција со лажно знаме, односно дека била спроведена од група која се преправала дека е украинска.

-Не би било тоа првпат во историјата на ваквите настани, рече германскиот министер и додаде: „Со оглед на тоа, се воздржувам од предвремени заклучоци“.

Запрашан дали овие извештаи можат да ја поткопаат поддршката на Западот за Украина, Писториус рече дека повеќе би сакал да одговори на тоа прашање кога ќе има веродостојни информации. „Сè друго е хипотетички“, додаде тој.

Германскиот весник Цајт и телевизиските станици АРД и СВР вчера објавија дека истражителите во голема мера успеале да реконструираат како гасоводите што ги поврзуваат Русија и Германија биле разнесени под Балтичкото Море ноќта на 26 септември 2022 година.

Повикувајќи се на неколку неименувани официјални лица, овие медиуми објавија дека пет мажи и една жена користеле јахта изнајмена од украинска компанија во Полска за да ги нападнат гасоводите.

АРД објави дека групата ја сочинувале двајца нуркачи, двајца помошници нуркачи и лекар, а осомничените користеле фалсификувани пасоши кога го изнајмиле чамецот, што пловел од германското пристаниште Росток.

Германските федерални истражители потврдија дека јахтата била претресена во јануари во врска со нејзината „сомнителна повелба“, но одбија директно да коментираат за извештаите во медиумите.

„Њујорк тајмс“ вчера објави дека американските власти ги разгледале извештаите кои сугерираат дека проукраинска група стои зад експлозиите на гасоводот.

Украинската влада негираше каква било вмешаност во овие напади. Министерот за одбрана на земјата, Олексеј Резников, изјави во Стокхолм дека тоа ќе биде „комплимент“ за украинските специјални сили, но дека тоа не е активност на Украина.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска ги опиша медиумските извештаи за наводната украинска вмешаност во експлозиите на балтичките гасоводи како координирана манипулација со цел прикривање на организаторите на нападите.

-Оние кои стојат зад овој територијален напад очигледно сакаат да го одвлечат вниманието, рече Песков, пренесен од руските медиуми. сд/

Остани поврзан