• четврток, 19 декември 2024

Писториус и вети на Молдавија поголема помош против Русија

Писториус и вети на Молдавија поголема помош против Русија

Кишињев, 31 мај 2024 (МИА) – Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денеска ја увери Молдавија за континуираната поддршка на Германија против заканите од Москва.

Тој беше во посета на земјата во екот на руската војна во соседна Украина.

Писториус беше примен со воени почести од неговиот молдавски колега Анатолие Носати во главниот град Кишињев, јави ДПА.

- Заедно ќе се спротивставиме на руските напори за хибридна војна за дестабилизација на другите земји, рече Писториус, опишувајќи ја Молдавија како дел од „европското семејство“ и поздравувајќи ги „импресивните чекори“ што ги направи на патот кон преговорите за пристапување во ЕУ.

Хибридна војна значи дека напаѓачите се потпираат на комбинација од традиционални воени операции, економски притисок, компјутерски напади и пропаганда во медиумите и на социјалните мрежи.

Писториус рече дека натамошната одбранбена помош за Молдавија е на пат. Потпишани се договори за испорака на уште 14 оклопни транспортни возила Piranha-3 H од германско производство, кои ќе се додадат на 19 такви возила испорачани во 2023 година.

Испораката на системи за противвоздушна одбрана поставени на рамо се очекува да почне следната година. Германија, исто така, ја поддржува Молдавија со одбрана од дронови, рече Писториус.

Тој додаде дека е обезбедена и медицинска опрема за сите вооружени сили на Молдавија, вклучително и комплети за прва помош во вредност од речиси еден милион евра (1,1 милион американски долари), кои треба да ги обезбеди Германија за зајакнување на одбранбената готовност. јт/

Фото: ДПА

Остани поврзан