• среда, 25 декември 2024

Писториус за прислушкуваниот разговор: Путин води информативна војна против Германија

Писториус за прислушкуваниот разговор: Путин води информативна војна против Германија

Берлин, 3 март 2024 (МИА) - Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денеска изјави дека рускиот претседател Владимир Путин води „информативна војна“ против Германија по повод објавувањето на прислушкуваниот телефонски разговор на четворица офицери на Бундесверот за можен напад на Кримскиот мост.

Во својата прва реакција на случајот Писториус тврди дека станува збор за „хибриден напад“ од Русија со цел да ја „поткопа решителноста“, пренесува Билд.

Писториус кажа дека наредил итна „сеопфатна“ истрага за инцидентот, додавајќи дека на снимката офицерите на Бундесверот разговарале за „разни сценарија“ на настани, а не за планови. Според него, нивниот разговор не значел зелено светло за префрлање на крстосувачките ракети „Таурус“ во Украина.

Постапките на руската Влада, посебно тврдењето на заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, дека Германија „се подготвува за војна со Русија“, Писториус ги опиша како оркестрирана пропагандна кампања на Кремљ.

Тој „не сакаше да шпекулира“ за кадровските последици на офицерите пред да заврши истрагата, но не ги исклучи, додавајќи дека се чека извештај од воената контраразузнавачка служба.

Министерот кажа дека нема информации дали „Русите можеле да прислушуваат уште повеќе разговори“.

Германското Министерство за одбрана ја потврди автентичноста на снимката од внатрешниот разговор на четворица офицери на Бундесверот, а Федералната канцеларија за воено контраразузнавање ги презема сите неопходни мерки. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан