• среда, 25 декември 2024

Писонеро: ЕК чека партнерите од Западниот Балкан да и ги достават реформските агенди од Планот за раст 

Писонеро: ЕК чека партнерите од Западниот Балкан да и ги достават реформските агенди од Планот за раст 

Брисел, 5 јули 2024 (МИА) - Пред да донесе одлука за исплата на средства во рамки на Планот за раст на Западниот Балкан, Европската комисија очекува сите земји од регионот да и ги достават своите реформски агенди во социо-економската сфера и во областа на основните вредности, изјави портпаролката на Европската комисија за соседска политики, проширување и меѓународни партнерства Ана Писонеро. 

- Кога ќе ги добиеме тие агенди, ќе можеме да ги разгледаме и прифатиме во консултација со земјите членки. Засега се уште чекаме на нашите партнери од Западниот Балкан, истакна Писонеро. 

Во однос на Србија и Косово, Писонеро нагласи дека тие освен исполнување на условите што важат за сите земји од регионот, за да можат да користа средства во рамки на Планот, ќе мора да покажат и конструктивност во меѓусебниот дијалог.   

На прашање дали и кога ЕУ планира да именува наследник на специјалниот претставник за дијалогот Белград-Приштина и за други регионални прашања од Западниот Балкан, Мирослав Лајчак, портпаролката на Еврокомисијата за надворешни работи и безбедносна политика, Набила Масрали само изјави дека е донесена одлука за продолжување на неговиот мандат за пет месеци до 31 јануари 2025 година, без да прецизира дали се разговара за избор на негов наследник. 

Лајчак пролетва беше именуван за евро амбасадор во Швајцарија, функција што првично требаше да ја преземе во септември годинава, кога и истекуваше неговиот мандат како специјален претставник на ЕУ. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан