• недела, 24 ноември 2024

Писмо од АД МЕПСО за набавката за хортикултурно уредување

Писмо од АД МЕПСО за набавката за хортикултурно уредување

Скопје, 8 октомври 2024 

Во интерес на објективно информирање на јавноста, ја споделувам фактичката состојба со набавката за хортикултурно уредување спроведена во АД МЕПСО, која стана дел од дневно-политичките настани.

Прво, фамозната набавка за хортикултурно уредување е спроведена од претходниот менаџмент составен од луѓе на ДУИ и Зијадин Села.

Второ, утврдување на потреба за ваква набавка во АД МЕПСО е со потпис на поранешниот министер од ДУИ, Билен Салији, тогаш во својство на член на управен одбор на АД МЕПСО.

Трето, изборот на компанија добитник на постапката за набавка на хортикултурно уредување го направи претходниот директор на АД МЕПСО, Зуди Кока, поставен на таа позиција од Европскиот фронт.

Четврто, соочени со ситуација на немање начин и основ согласно закон за поништување на постапката во оваа финална фаза, договорот беше потпишан за да се избегне евентуална тужба и судски процес од претходно избраната компанија од претходниот менаџмент.

Петто, станува збор за рамковна набавка, која има финансиски импликации само доколку се направи нарачка. АД МЕПСО досега не потрошил ниту еден денар за оваа набавка.

Шестто, АД МЕПСО нема ниту во иднина да троши средства за непотребни набавки за АД МЕПСО.

 

За да ви биде појасно ќе се обидам да ви опишам и поопширно за што станува збор.

 

Познатата јавна набавка за хортикултурно уредување, како постапка, датира многу пред да дојдам јас како раководител на институцијата, кога поранешниот министер на ДУИ во својство на член на управниот одбор на АД МЕПСО, Билен Салији, го потпишал барањето за потребата од хортикултурно уредување, односно цвеќиња. Подолу можете да го видите и документот!

 

Понатаму, треба да ја информирам пошироката јавност дека поранешниот директор на АД МЕПСО, Зуди Кока од коалицијата Европски Фронт, ја потпишал одлуката за избор на компанијата победник за јавната набавка на хортикултурно уредување. Ова беше пред јас да стапам на функција. Еве го и документот!

 

Соочени со оваа ситуација, каде сите рокови за поништување на постапката и жалби беа поминати пред ние да стапиме на функција, како ново раководство бевме поставени пред свршен чин – или да ја спроведеме постапката до крај, или да ризикуваме да бидеме тужени од компанијата победник избрана од претходниот директор.

 

Сакам да нагласам дека, бидејќи ова е рамковен договор, што значи дека ништо не се плаќа однапред, туку само доколку потенцијално се нарача некој производ, ние го потпишавме предметот за да избегнеме тужба, со силна увереност дека нема да се потроши ниту еден денар од оваа набавка, бидејќи СМЕТАМЕ ДЕКА ТРОШОЦИТЕ СЕ НЕПОТРЕБНИ!

 

Значи, сите информации за наводно потрошени пари се само ЛАЖНИ ВЕСТИ.

 

Дополнително, на најтранспарентен начин, ја поканувам пошироката јавност да следи дали во текот на следните 11 месеци, колку што трае договорот, ќе се потроши и еден цент во овој правец, давајќи јавно ветување дека тоа нема да се случи.

 

Следниот пат, подобро е да читаат и анализираат пред да излезат пред камери и да се посрамат пред целата јавност!

 

Како што беше кажано и во  реакцијата,  гарантираме пред јавноста дека ниту еден цент од таа набавка нема да се искористи!

 

Остануваме решителни да направиме ПРОМЕНА, а не само ПРОМЕНА НА ОДРЕДЕНИ ЛИЦА.

 

На крај, ако ДУИ и нејзините експоненти не бараат извинување за изнесените лаги и обвинувања, ќе бидам принуден да поднесам тужба за клевета и нарушување на углед пред соодветните институции.

 

Писмо од АД МЕПСО

__________________________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: МИА архива 

Остани поврзан