• сабота, 23 ноември 2024

Писатели читаа творби за Денот на Скопје

Писатели читаа творби за Денот на Скопје
Скопје, 11 ноември 2022 (МИА) - Писателите кои живеат и создаваат во Скопје денеска читаа творби, записи и кратки репортажи посветени на главниот град, во рамки на манифестација „Писателите за Скопје“, организирана од Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ). Оваа манифестација се одржува по повод 13 Ноември - Денот на Скопје. Претседателот на ДПМ, Христо Петрески во своето обраќање пред почетокот на манифестацијата рече дека Скопје поминал низ многу премержја, трауми, пожари, земјотреси и поплави, но е побогато со сите уметнички гласови, кој безмалку целиот свој живот го поминале во Скопје. -Ние денеска востановуваме. Покренуваме нова манифестација. Да потсетам дека ние имаме една манифестација „Празник на липите“, која е посветена на липата - еден од симболите на градот Скопје. Но, не можевме и не сакавме да го одминеме 13 Ноември - Денот на Скопје, рече Петрески. Тој напомена оти верува дека настанот во иднина ќе биде уште посодржаен, побогат, и ќе стане традиционален. -Верувам дека манифестацијата ќе продолжи да постои, затоа што мислам дека нема писател кој не пишува за градот во кој го поминува безмалку целиот свој живот. Најмалку е напор за нас да напишеме песна, расказ, запис, репортажа, пиеса или некој друг литературен жанр за овој град. Овој град секогаш одново и одново се обновува, па и ние сите помагаме овој град да биде некогаш поубав, некогаш погрд, додаде Петрески. Според секретарот на ДПМ, Васил Тоциновски кој беше модератор на манифестацијата, Скопје денес може да се пофали со една современа, квалитетна, творечка, етичка и естетска библиотека од песни раскази, романи, драмски текстови и есеи. Инаку, авторските прилози со кои настапија авторите на денешната манифестација, ќе бидат објавени во посебно дигитално издание на сајтот на Друштвото на писателите на Македонија.бт/са/    

Остани поврзан