• четврток, 26 декември 2024

Пировска: Пратениците непристрасно да гласаат за кандидатите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација

Пировска: Пратениците непристрасно да гласаат за кандидатите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација

Скопје, 18 декември 2023 (МИА) - Мрежата за заштита од дискриминација денеска побара родово балансирано учество од минимум три жени во новиот состав на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД)  како и припадници на сите маргинализирани групи, како што се лицата со попреченост, Ромите и  ЛГБТ лицата под услов тие да ги исполнуваат законските предвидени услови. 

Уранија Пировска од Хелсиншки комитет за човекови права и членка на Мрежата за заштита од  дискриминација денеска на прес-конференција истакна дека тие како претставници на граѓанскиот сектор досега се крајно разочарани од квалитетот на кандидатите и нивното претставување.

- Загрижени сме со оглед на тоа што се случи Комисијата за антикорупција и членовите кои се избраа. Според тоа, скептични сме дека овој пат ќе се води сметка да се изберат непристрасно, независни кандидати коишто се стручни за областа дискриминација, рече Пировска.  

Апелира политичките партии да се воздржат од влијанија и пратениците непристрасно да гласаат за предложените кандидати.

-Апелираме политичките партии да се воздржат од влијанија, пратениците непристрасно да гласаат за предложените кандидати и кога ќе гласаат да размислуваат за тоа дека институциите се востановени за да им служат на граѓаните, а не за да им служат на политичките партии за задоволување на апетитите на нивното членство. Се знае дека најголемото влијание го има власта. Тоа е јасно, дека политичките партии вообичаено диктираат кој треба да биде избран. Се плашам дека ќе ни се случи тоа што ни се случуваше во времето на Груевски, дека членовите на Комисијата ќе бидат партиски избрани, рече таа.

Пировска изрази надеж дека повторно ќе бидат избрани барем два независни кандидата затоа што, како што рече, видовме дека со изборот на тројца независни кандидати во претходниот состав, Комисијата навистина постигна резултати.

-Беше перцепирана од страна на граѓаните како независна институција, граѓаните беа охрабрени да пријавуваат дискриминација и одлуките коишто се носеа навистина беа издржани и даваа доверба, рече Пировска.  

Атанас Аврамов  од Здружение „Заедно посилни“ и членка на Мрежата за заштита од  дискриминација нагласи дека без оглед на кадровските  и финансиските предизвици  на Комисијата, нивната работа била препознаена од страна на ЕК во извештаите за напредокот на Република Северна Македонија за 2022 година и 2023 година. 

-Имајќи го тоа во предвид, особено е важно, и борбата за дискриминација подразбира континуитет на Комисијата нејзина ефикасно, ефективно работење заштитувајќи ги човековите права и слободи и загарантирани со Уставот законите и ратификуваните меѓународни конвенции. Од друга страна, особено важен елемент, кој исто така беше нотиран од ЕК во извештајот за 2022 година, е соодветната и правичната застапеност на сите општествени групи во составот на Комисијата, рече Аврамов.  

Во собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска почна јавната расправа за Утврдување предлог-листа за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. За нови членови на КСЗД пријавени се 25 кандидати - Енвер Салихи, дипломиран правник од Куманово, Елена Кочоска, дипломиран економист од Прилеп, Албрим Положани, дипломиран економист од Струга, Маријан Поњавиќ, дипломиран правник од Скопје, Исмаил Камбери, дипломиран правник од Тетово, Душан Томшиќ, дипломиран социјален работник од Скопје, Љупка Гугучевска Филипоска, дипломиран правник од Скопје, Зоран Биковски, дипломиран социолог од Делчево, Бесире Мјаки, дипломиран правник од Скопје, Гајур Рамадани, дипломиран новинар од Гостивар, Татјана Михајлова, дипломиран правник од Скопје, Добре Јанчев, дипломиран правник од Скопје, Весна Бендевска, дипломиран психолог од Битола, Давид Тасевски, дипломиран психолог од Скопје, Мухамед Точи, дипломиран правник од Гостивар, Зекир Абдулов, дипломиран правник од Делчево, Доан Сулејмановски, дипломиран правник од Прилеп, Флора Кадриу, дипломиран професор по одделенска настава од Скопје, Несиме Јашари Лума, дипломиран правник од Прилеп, Марина Бојковска, дипломиран професор по одделенска настава од Кратово, Драгана Дрндаревска, дипломиран правник од Скопје, Ибрахим Ибрахими, дипломиран економист од Гостивар, Маја Атанасова, дипломиран правник од Скопје и Марика Чанева, дипломиран правник од Штип.фф/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан