• сабота, 23 ноември 2024

Пилот од Втората светска војна на 102 години полета со „Спитфајер“

Пилот од Втората светска војна на 102 години полета со „Спитфајер“

Лондон, 7 февруари 2024 (МИА) - На 102-годишна возраст, поранешниот пилот на британското Кралско воздухопловство, Џек Хемингс првпат леташе со историскиот авион „Спитфајер“ од Втората светска војна.

Хемингс, ескадрилен предводник на британските сили за време на Војната, колку што е познато, е најстариот пилот кој управувал со тој модел на авион. Пилотот Бери Хјуз, кој беше со Хемингс за време на вчерашниот лет, рече дека неговиот поискусен колега има природна дарба.

- Не му требаа никакви инструкции, тој само го презеде леталото, направи неколку вртења и основни маневри и си ја заврши работата. Мислам дека навистина уживаше во секој миг на летот, изјави Хјуз.

Воениот ветеран никогаш претходно не управувал со „Спитфајер“, но летал со други авиони. Тој истакна дека е „апсолутно волшебно“ да се биде зад воланот, иако летот бил „нерамен“ - со многу непредвидени случувања.

- Искрено, сѐ тоа се чувствуваше како малку „'рѓосано“, што не е изненадувачко - и јас сум „рѓосан“, се пошегува Хемингс.

Неговиот 20-минутен лет во јужна Англија имаше за цел да собере пари за добротворното друштво што го основал пред 80 години. Од Втората светска војна, хуманитарната „Мисија на здружената авијација - МАФ“ (Mission Aviation Fellowship) со авиони носи помош, лекови и други намирници во земјите каде што е потребна. Хемингс и на својот 100-ти роденден изведуваше аеро-акробации со што собра над 40.000 фунти за својата добротворна организација.  си/ми/

Фото: Фејсбук-страница на МАФ, јавни објави.

Остани поврзан