• вторник, 12 ноември 2024

Пејчиновиќ Буриќ за заштита на новинарите и демократијата по повод Светскиот ден на слободата на медиумите

Пејчиновиќ Буриќ за заштита на новинарите и демократијата по повод Светскиот ден на слободата на медиумите

Брисел, 2 мај 2024 (МИА) - Генералниот секретар на Советот на Европа (СЕ), Марија Пејчиновиќ Буриќ, во пресрет на Светскиот ден на слободата на медиумите, 3 мај, ја истакна важноста од заштитата на новинарите, особено во клучната изборна 2024 година, со цел зачувување на демократијата.

-Додека милиони граѓани во Европа и другите континенти гласаат на клучните избори во 2024 година, мора да се потсетиме на критичната улога што ја играат новинарите и квалитетните медиуми во обезбедувањето пристап до плуралистички и веродостојни информации и разновидни мислења и идеи, за да можеме да носиме информирани одлуки за остварување на демократските права, рече Пејчиновиќ Буриќ, соопшти СЕ.

Без разновидни, слободни и независни медиуми и новинари, се додава, „вистинската демократија пропаѓа и може да пропадне“.

-Тие се столб на демократијата и никогаш не треба да заборавиме дека нивната слобода е и наша, се вели во оопштението.

Пејчиновиќ Буриќ изјави дека „слободата на медиумите сè уште е нападната во Европа“, додавајќи дека овие закани вклучуваат незаконска употреба на шпионски софтвер, тужби против новинари, физички напади, заплашување, притворања и рестриктивни закони.

Според неа, за медиумите и новинарите да ја одиграат својата суштинска демократска улога, мора да бидат способни да работат во безбедна средина. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан