Пејачот Гоце Арнаудов постхумно ја доби наградата за животно дело на Општина Струмица
- Пејачот Гоце Арнаудов постхумно, 13 години по неговата смрт, ја доби наградата за животно дело на Општина Струмица за особен придонес во областа на културата и уметноста, што се доделува по повод Денот на заштитниците на Струмица-Светите петнаесет Тивериополски свештеномаченици.
Струмица, 11 декември 2024 (МИА) - Пејачот Гоце Арнаудов постхумно, 13 години по неговата смрт, ја доби наградата за животно дело на Општина Струмица за особен придонес во областа на културата и уметноста, што се доделува по повод Денот на заштитниците на Струмица-Светите петнаесет Тивериополски свештеномаченици.
Покрај Арнаудов, за кого наградата ја прими неговата сопруга Силвија, годишни признанија за особен придонес добија Љупка Вртева во техничката култура и наука, Томе Ментинов од областа на културата и уметноста, Ресторан „Бонита“ од угостителството, Ивана Мазнејкова од културата и уметноста, Тимо Комаров за крводарителство, Иван Кукиќ за култура и уметност и Атанас Козарев од областа на образованието и науката
За животот, делото и значењето на Светите петнаесет Тивериополски свештеномаченици за Струмица и струмичани говореше градоначалникот Костадин Костадинов.
-Во духот на Светите петнаесет Тивериополски свештеномаченици да застанеме за момент и да размислиме за тоа каква заедница сакаме да изградиме. Дали негуваме вистински вредности и дали се однесуваме еден кон друг со почит и грижа како што секое човечко битие заслужува? Да ги отфрлиме поделбите и себичноста и наместо тоа да го прифатиме единството и заедничката одговорност. Струмица ни припаѓа на сите нас, а не на некој поединец или група. Тоа е наше заедничко наследство и сите ние ја делиме одговорноста да го негуваме и заштитиме. Без разлика дали преку верата, културата или секојдневните дела на љубезност, сите ние поединечно ја имаме моќта да ја зајакнеме врската помеѓу нашиот град и струмичани, истакна Костадинов.
Одбележувањето на празникот, кое почна вчера, продолжи денеска во утринските часови во црковниот храм „Свети петнаесет“ каде се одржа Света Божествена литургија во чест на заштитниците, а на која присуствуваа градоначалникот Костадин Костадинов, членови на Советот на општина Струмица, гости и верници од Струмица и поширокиот регион. рт/цр
Фото: Општина Струмица