Пешевска: Иницијативата на опозицијата за воведување електронски алки за насилници е недоработена
- Предлогот на опозицијата за воведување електронски алки за насилници на прв поглед може да звучи како одлична идеја. Но, кога ќе се разгледа подлабоко, станува јасно дека станува збор за недоработена иницијатива, без сериозна правна и институционална основа, се вели во соопштението на претеничката група на ВМРО-ДПМНЕ од денешната прес-конференција на Жаклина Пешевска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, што МИА го пренесува интегрално.
Скопје, 19 март 2026
Предлогот на опозицијата за воведување електронски алки за насилници на прв поглед може да звучи како одлична идеја. Но, кога ќе се разгледа подлабоко, станува јасно дека станува збор за недоработена иницијатива, без сериозна правна и институционална основа, се вели во соопштението на претеничката група на ВМРО-ДПМНЕ од денешната прес-конференција на Жаклина Пешевска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, што МИА го пренесува интегрално.
Најпрвин овој предлог отвора суштински правен проблем. Законот што се предлага е во рамките на граѓанска постапка, а ваквите мерки - како електронските алки - по својата природа припаѓаат во кривичното право. Ова значи дека се прави мешање на два правни система, што може да доведе до правна неизводливост и сериозни проблеми во примената.
Дополнително, во предлогот се наведува дека нема фискални импликации, што е апсолутно нереално. Воведувањето ваков систем подразбира набавка на опрема, техничка инфраструктура, центри за следење, обука на кадар и континуирано одржување. Прашањето е - кој ќе го финансира тоа и како?
Понатаму, не се одговорени клучни прашања:
Кој ќе ги обезбеди електронските алки?
Кој ќе врши мониторинг и 24-часовно следење?
Кои институции ќе бидат надлежни?
Кои други закони треба да се усогласат за да функционира системот?
Без овие одговори, станува збор за политички маркетинг, а не за сериозно законско решение.
Дополнително, важно е да се истакне дека во моментот постои работна група, која работи на низа законски решенија токму во оваа област, во која членуваат и претставници од оние што денес го предлагаат овој закон. За жал, некои од нив не присуствуваат на состаноците, што дополнително го доведува во прашање нивниот пристап и сериозноста во решавањето на проблемот.
Нашиот предлог беше за овој закон да се отвори јавна расправа, да се вклучат експерти и стручната јавност, кои ќе дадат мислење дали ваквото решение е применливо и како најдобро да се имплементира. Но, наместо тоа, сведоци сме дека на некои им се поважни политичкото позиционирање и пиарот отколку суштинско и одржливо решение.
Во пракса, постојат и дополнителни предизвици. Во случаи кога поранешни партнери имаат заеднички деца, контактот меѓу нив е неизбежен. Во такви ситуации електронската алка не го решава проблемот, туку отвора нови компликации во примената на мерките.
Исто така, за да функционира системот, потребно е и жртвата да биде вклучена, што отвора дополнителни дилеми за нејзината заштита, приватност и согласност.
Она што особено загрижува е што не постои никаква анализа врз основа на реални податоци. Наместо да се прават популистички предлози, потребно е да се анализира: колку често се прекршуваат постојните мерки за забрана на приближување и дали нивното зајакнување би дало подобри резултати.
Дополнително, мерката е предвидена само како привремена наместо да се размислува за системско решение, на пример, нејзина примена по правосилна пресуда или воспоставување регистер на осудени насилници.
Затоа, наместо импровизирани решенија, потребен ни е сериозен, сеопфатен пристап базиран на анализа, законска усогласеност и реална примена.
Насилството не се решава со неприменливи законски предлози, туку со функционални системи што навистина ги штитат жртвите.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ
Фото: МИА архива