• понеделник, 23 декември 2024

Пехчевската библиотека „Кочо Рацин“ одбележа 100 години од своето постоење

Пехчевската библиотека „Кочо Рацин“ одбележа 100 години од своето постоење

Пехчево, 1 октомври 2024 (МИА) - Општинската јавна установа Матична библиотека „Кочо Рацин“ од Пехчево вечерва одбележа еден век од своето постоење. Настанот „100 години - Библиотека“ се организираше во соработка со Општина Пехчево и локални институции, кои заеднички подготвија пригодна музичка програма. 

Првите податоци за постоењето на библиотеката во Пехчево, како што истакна директорката Габриела Костадинова, се пронајдени во пишан документ од 1924 година под името Пехчевска матица.

-Податокот го најдовме со веќе мојот покоен колега Стојан Хаџиманов во една стара книга од Симо Матавуљ, во која пишува дека во 1924 година постоела читалница Пехчевска матица. Нашиот јубилеј беше повод да подготвиме богата  културно-уметничка програма со настап на гости од Делчево, Берово, Куманово и наши учесници од Пехчево. Имавме една навистина прекрасна атмосфера, каква што доликува за ваков настан, рече Костадинова.

На настанот присуствуваше и Јовица Никчевски, директор на Националната универзитетска библиотека „Св Климент Охридски“ - Скопје, кој на домаќините им го честиташе јубилејот.

- Еден век постоење не е мала работа, посебно кога се работи за институција која е задолжена да го чува идентитетот на еден народ. Секако во името на Националната универзитетска библиотека им го честитам јубилејот, поддршка ќе имаат од нас за било што. Честитки до установата, до директорката, до градоначалникот, ни беше чест да бидеме дел од овој настан, рече Никчевски.

Пред почетокот на настанот директорката на матичната библиотека „Кочо Рацин“ додели дипломи на читателите рекордери од овој град, благодарници на учениците кои преку библиотеката учествувале на повеќе поетски манифестации во земјава и во Србија, како и благодарници на Општината, Советот и на соработниците, со кои установата имала одлична соработка во изминатите години.

За музичкиот дел од настанот беа задолжени пејачката група при НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“, „Ѓурѓа“ од Делчево, Староградскиот оркестар при Дом на култура „Димитар Беровски“ од Берово, музичката група при Здружението на пензионери од Пехчево, „Малешевска китка“ и други локални изведувачи од Пехчево. вс/мд/

Фото: МИА
 

Остани поврзан