• четврток, 26 декември 2024

Пет години по првата пресуда, мобингот сè уште се компарира со поимот секојдневие

Пет години по првата пресуда, мобингот сè уште се компарира со поимот секојдневие
Скопје, 2 јануари 2022 (МИА) - Законот за заштита од вознемирување на работно место е донесен во 2013 година. Три години подоцна, во 2016-та, донесена е и првата пресуда за психичко вознемирување на работно место. Во пресудата, судот наложува тужените да престанат со психичкото вознемирување на работното место на тужителот и да овозможат соодветно вреднување на неговата работа. Оттогаш, предмети по овој основ се заведени само во седум од вкупно 26 Основни судови на територијата на Република Северна Македонија. Според информациите до кои дојде МИА преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, во 26-те Основни судови на територијата на Република Северна Македонија, во изминатите пет години се заведени вкупно 70 предмети по основ Вознемирување на работно место. Од нив, како неосновани се одбиени 26 тужбени барања, додека, усвоени осум. Делумно усвоени се две барања, во тек се 19 предмети, еден е во прекин, а повлечени се 14 тужбени барања.           Најмногу заведени предмети по основ Вознемирување на работно место има во Основниот суд во Скопје, вкупно 58, потоа Гостивар - четири, Охрид - три, Битола - два, и Кавадарци и Кратово со по еден заведен предмет.         Останатите 19 Основни судови на територијата на Република Северна Македонија, на прашањето на МИА за број на заведени предмет по основ Вознемирување на работно место одговорија дека во изминатите пет години бројот на заведени предмети по основ на вознемирување на работно место е нула. Станува збор за Основните судови во Берово, Виница, Велес, Гевгелија, Дебар, Делчево, Кочани, Кичево, Крива Паланка, Куманово, Крушево, Неготино, Прилеп, Радовиш, Ресен, Свети Николе, Струга, Струмица и Тетово. Во 51,5 проценти од предметите како тужители се јавуваат жени, додека, во 48,5 отсто мажи. Праксата индикатор за мал број пријавени случаи, најчеста причина за тоа се стравот и срамот Психичко вознемирување на работно место, во смисла на Законот за заштита од вознемирување на работно место е секое негативно однесување од поединец или група кое се повторува, континуирано и систематски, претставува повреда на достоинството, интегритетот, угледот и честа на вработениот и предизвикува чувство на страв или создава непријатност, пониженост, чија крајна цел може да биде повреда на физичкото и менталното здравје, компромитирање на професионалната иднина на вработениот, престанок на работниот однос или напуштање на работното место Адвокатката Мимоза Салтирова вели дека досегашната пракса дава индикатор дека мал број на случаи се пријавуваат. - Изминатите години ваквите искуства за полово и психичко вознемирување на работното место е појава која може да се компарира со поимот секојдневие, а доколку еден работник секојдневно се сретнува со ваков притисок на работното место, можеме да замислиме каква би била и продуктивноста во работниот ден, недела, вели Салтирова. Помеѓу причините за непријавување или непреземање на соодветни мерки од страна на вознемируваното лице таа ги издвојува стравот и срамот. - Можам да одвојам неколку од нив кои ги имам воочено во мојата адвокатска работа. Примарно е стравот кој се манифестира во различни облици, страв да не го изгуби работното место доколку го пријави случајот или заведе спор, ова, пак, е тесно поврзано со егзистенцијата на вознемируваното лице, односно економскиот аспект. Потоа, преовладува срамот како емоција која се јавува во форма на сомнеж, што ќе се случи со реакциите од јавноста, од блиските, колегите, семејството, срам и страв од осудување, вели таа. Според психологот и психотерапевт во едукација, Елена Кабранова, чинители на сексуално или психичко вознемирување на работното место најчесто се оние кои поседуваат моќ. -  Тоа се мажите на надредени позиции кои имаат право да наградат или казнат во зависност од однесувањето на вработениот. Оваа позиција ја користат да поставуваат барања за кои што жртвата се чувствува принудена да ги изврши за да го зачува својот статус во организацијата или дури и да го зачува работното место. Во услови кога е тешко да се дојде до работно место, жртвата одлучува да молчи и да го поднесува вознемирувањето наместо да пријави, вели Кабранова. Таа, исто така, го посочува срамот како една од најважните причини поради која сексуалното вознемирување не се пријавува и најчесто поминува неказнето што, пак, како што вели, од друга страна, го охрабрува неговото повторување. Психичкото  вознемирување на работното бара сериозен пристап од сите институции Според податоците до кои дојде МИА, во Сојуз на синдикати на Република Северна Македонија, во изминатите пет години, од 2016-та до октомври 2021 година имало вкупно 30 обраќања по основ Вознемирување на работно место. Во Државниот инспекторат за труд, пак, во последните пет години се донесени 608 решенија согласно Законот за заштита од вознемирување на работно место (член 11,12 и 22) по направени  редовни и вонредни(по пријава) надзори. Најмногу решенија инспекторатот донел во 2017 година, вкупно 223, потоа 2018 - 163, 2019 -133, 2020 - 51 и од јануари до октомври 2021 - 38. Од ССМ велат дека психичкото вознемирување на работното место, како широко распространета негативна појава, бара сериозен пристап од сите институции во државата со цел да се обезбедат правни и општествени услови и претпоставки за негово намалување и спречување. - Правниците на ССМ во седиштето во Скопје и во регионалните синдикални претставништва и синдикални канцеларии ги преземаат сите законски дејствија и постапки за заштита на работничките права на своето членство. Карактеристично е тоа што во ССМ има голем број на обраќања во врска со вознемирување на работнo место, но од лица кои не се членови на синдикатот, велат оттаму. Според нив, ова упатува на тоа дека вознемирувањето на работно место најчестo се случува во средини каде работниците не се синдикално организирани и едуцирани за своите права. Адвокатката Салтирова, пак, од искуството споделува дека сликата на нарушувања кои ги претрпуваат жртвите на вознемирување на работно место е очајно тешка. - Примарниот страв го зазема својот замав кој станува се поинтензивен. Вознемируваното лице, наместо да комуницира, се повлекува во себе, едноставно губи дел од себе, губи дел од својот идентитет, кај некои пак, се губи и дел од професионалноста. Стресот владее во секој облик и често пати доаѓа и до психолошки нарушувања кои водат и кон постојана психолошка терапија проследена со консумирање и на одредени медикаменти. Често пати, или пак, најчеста првична манифестација е нарушување на сонот и отсутност, а веќе во понатамошните фази истото преминува и во анксиозност. Кај неколку случаи се јавуваа и самоубиствени мисли. Едноставно, жртвите се веќе со нарушен нормален тек на живот, а ваквата состојба се одразува негативно на работното место, во семејните врски, едноставно рефлексијата е негативна во целото опкружување, вели таа. Кабранова се надоврзува на ова споделувајќи дека вознемирувањето на работното место резултира со незадоволство, опструкции во работниот процес, демотивираност, намалена продуктивност, лоша работна атмосфера и слично. - Секое работно место треба да има опис на задачите и работните обврски кои работникот треба да ги извршува. Доколку пред работникот се поставуваат прекумерни барања надвор од описот на работното место сметам дека тоа е повеќе злоупотреба на трудот која како последица може да има психичка вознемиреност, вели таа. Салтирова смета дека вознемируваните лица, не ги знаат своите права кои може да ги преземат во рамки на работодавачот, како и тоа дека постои постапка која ѝ претходи на судската постапка, а целта на законот е всушност да се спречи и да се заштити работникот од психичко и полово вознемирување на работното место и обезбедување на здрава работна средина. Ангела Рајчевска  

Остани поврзан