• четврток, 26 декември 2024

Петрушевски: Имаме основано сомневање дека се преземаат чекори за нарушување на националната безбедност

Петрушевски: Имаме основано сомневање дека се преземаат чекори за нарушување на националната безбедност

Скопје, 16 јуни 2023

Со денешното мое обраќање сакам да предупредам за еден процес кој е поврзан со безбедносните служби каде имаме основано сомневање дека се преземаат чекори за нарушување на националната безбедност, отворајќи врата за злоупотреба на механизмите за следење на комуникациите на над 2 милиони граѓани.

Со оглед на тоа што информациите подлежат на тајност, она што го дозволува Законот, ќе го споделам со јавноста.

Имено, Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите, на својата 15-та седница, почнувајќи од 23.05.2023 година одржа пет продолженија, разгледувајќи Информација за работењето на Оперативно техничката – агенција – ОТА.

Притоа Комисијата, постапувајќи во рамките на својата надлежност, утврди сериозен сомнеж дека ОТА го прекршила членот 2 од Законот за следење на комуникациите односно дека извршила незаконска набавка на средства за следење на комуникациите кои може да бидат злоупотребени, а набавката е без соодветно Одобрение предвидено во ставот 2 на овој член.  

Ваквото прекршување на Законот отвора можност за загрозување на националната безбедност и безбедноста на граѓаните, како и повреда на човековите слободи и права утврдени со Устав, закон и меѓународни договори ратификувани во согласност со Уставот на Република Македонија.

Согласно со закон предвидените надлежности како Комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите, едногласно со поддршка од сите пратеници, без разлика на политичката партија, донесовме заклучок за оваа сомневање да го известиме Јавниот обвинител на Република Македонија.

Свесни дека во Република Македонија во минатото се случиле многу скандали од доменот на незаконското следење на комуникациите, должни сме да укажеме дека со ваквото евентуално прекршување на Законот за следење на комуникациите се создава можност за скандал од досега невидени размери.

Од досега изнесеното, неминовно се поставува прашањето зошто, некој на помалку од 2 месеци пред заминување од функцијата, го прави ова токму во овој момент, кога се актуелни уставните измени?

На крај, дозволете да се извинам на целокупната јавност што во моментов не сум во можност да изнесам повеќе детали, бидејќи се работи за класифицирани информации со највисок степен – државна тајна.

Бране Петрушевски, пратеник од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ

___________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

фото МИА архива

 

Остани поврзан