• четврток, 26 декември 2024

Петровска – Пелеши: Најдобар одговор на безбедносните предизвици е интензивната одбранбена соработка и јакнењето на колективната безбедност

Петровска – Пелеши: Најдобар одговор на безбедносните предизвици е интензивната одбранбена соработка и јакнењето на колективната безбедност
Скопје, 14 ноември 2022 (МИА) - Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во рамките на заедничката седница на Владите на Северна Македонија и на Албанија во Скопје се сретна со албанскиот министер за одбрана Нико Пелеши со кого разговараше за интензивирање на одбранбената соработка, особено имајќи предвид дека токму на заедничката седница беше потпишан нов Меморандум за билатерална соработка, кој ја отсликува новата реалност и фактот дека и двете земји соработуваат како земји – сојузнички во НАТО.

-Северна Македонија и Албанија ја споделуваат истата визија за Балканот, како регион кој мора да остане безбеден, стабилен и во мир. Најдобар одговор на нарушената безбедност на континентот со руската агресија врз Украина е продлабочувањето на меѓусебната соработка. Обновениот билатерален меморандум го овозможува токму тоа, бидејќи клучот кон успешна одбранбена соработка и целосна интероперабилност на двете сојузнички армии е заедничката обука, заедничките вежби, блиските контакти помеѓу војниците и развивањето пријателства, рече министерката Петровска.

Taa, како што соопшти Министерството за одбрана, посочи дека и припадниците на двете армии во континуитет имаат одлична соработка, факт кој се гледа и преку големиот број заеднички вежби и обуки, како вежбата „Swift Response“ оваа година и планираното заедничко учество во вежбата „Defender Europe 23“ која треба да се реализира следната година и која е дизајнирана да изгради подготвеност и интероперабилност во Алијансата и помеѓу НАТО и партнерските земји.

-Регионалната безбедност е приоритет за двете земји и ме радува што соработката и заедничкиот придонес кон регионалните безбедносни иницијативи се продлабочува. Нашата одбранбена и сојузничка соработка ја зацврстува безбедноста на Западен Балкан и испраќа уште една порака – местото на Албанија и Северна Македонија во ЕУ е заслужено, а брзата интеграција е суштинска за заедничката стабилност, безбедност и просперитет, истакна министерката. 

Министерот Пелеши, се наведува, изрази задоволство што и двете земји се силно посветени на меѓусебната соработка и што сето она што е планирано се реализира со одлично темпо.

Планот за билатерална соработка за 2022 година вклучува седум активности од кои четири во Северна Македонија и три во Албанија. Фокусот во него е ставен на соработката во областа на разузнавањето, АБХО, воената полиција и развојот на Лесната пешадиска баталјонска група, како и користењето на армискиот полигон „Криволак“ и учеството на обуките во Регионалниот центар за односи со јавноста. Двете земји учествуваат во бројни регионални иницијативи, како САД – Јадранската повелба, иницијативата СЕДМ, Бригадата на Југоисточна Европа, Форумот на началници на Генералштаб, Центарот за безбедносна соработка – РАКВИАК и Балканските медицински наменски сили, стои во соопштението. вг/ац/

Остани поврзан