• петок, 27 декември 2024

Петровска - Форд: Северна Македонија е кредибилен сојузник кој инвестира во националната и колективната одбрана

Петровска - Форд: Северна Македонија е кредибилен сојузник кој инвестира во националната и колективната одбрана

Скопје, 18 октомври 2023 (МИА) - Северна Македонија е кредибилен сојузник кој инвестира во националната и колективната одбрана, беше истакнато на денешната средба на министерката за одбрана Славјанка Петровска и директорот на директоратот за одбранбено планирање во Алијансата, Карл Форд, кој заедно со неговиот тим учествува на редовните билатерални консултации помеѓу Република Северна Македонија и НАТО- Алијансата.

Како што информираат од Министерството за одбрана, на состанокот министерката Петровска порача дека Северна Македонија е посветен и активен НАТО сојузник кој дава суштински придонес во рамките на колективната безбедност.

-Со придонесот во мултинационалните сили на НАТО во Латвија, Романија и Бугарија македонската Армија ја зацврстува колективната безбедност и безбедноста на секој граѓанин на Алијансата. Ние остануваме посветени и на регионалната безбедност кон која придонесуваме преку нашето учество во мисијата на НАТО на Косово, КФОР, рече министерката.

Петровска додаде дека Северна Македонија ќе продолжи да инвестира во својата Армија, а доказ за тоа е фактот дека следната година 2 проценти од бруто-домашниот производ ќе бидат одвоени за одбрана, од кои една третина за модернизација и опремување.

Директорот за одбранбено планирање Форд го поздрави придонесот на Северна Македонија кон колективната безбедност, а особено во рамките на мултинационалните сили на НАТО во источното крило.

-За време на билатералните консултации, кои вчера и денеска од страна на Министерството за одбрана ги предводеше државниот секретар Владимир Анчев, се разговараше за напредокот во имплементацијата на доделените НАТО цели на способности во рамки на повеќе области како одбранбената политика, финансиите, копнените сили, логистиката, воздухопловните сили, специјалните сили, капацитетите за стабилизација и реконструкција како и цивилната подготвеност, се наведува во соопштението од Министерството за одбрана. дма/ев/

Фото: Министерство за одбрана

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан