• сабота, 21 декември 2024

Петровска - Тилвар: Северна Македонија е контрибутор на безбедноста и стабилноста на Западен Балкан, ќе биде доверлив пријател и во ЕУ

Петровска - Тилвар: Северна Македонија е контрибутор на безбедноста и стабилноста на Западен Балкан, ќе биде доверлив пријател и во ЕУ

Скопје, 25 април 2023 (МИА) - Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска со високи државни и воени почести, ја пречека делегацијата од Романија предводена од министерот за национална одбрана Ангел Тилвар, кој престојува во еднодневна официјална посета на Република Северна Македонија.

На денешната средба помеѓу двете делегации било истакнато дека ваквите состаноци се многу важни, особено заради безбедносна состојба во Европа на кои се споделуваат идеи и се дискутира за идните чекори. 

Министерката Петровска, соопштија од МО, потенцирала дека романската надворешна политика е многу одговорна и посветена на мирот и соработката и упати благодарност за континуираната поддршка на нашата земја на патот кон ЕУ.

Информирајќи го за модернизацијата на Армијата и реформите во одбраната, Петровска нагласила дека како и досега, така и понатаму Северна Македонија ќе продолжи да придонесува со своето активно учество во промовирањето на мирот и безбедноста и како НАТО сојузник, особено во зајакнување на источната граница на Алијансата. 

- НАТО мисијата eVA (enhanced Vigilance Activities) во Романија и Бугарија - не се само политички одлуки, за нас е многу важно со вистински операции да покажеме дека сме дел од НАТО, потенцирала Петровска.

Во тој контекст, романскиот министер Тилвар изразил благодарност за придонесот на Северна Македонија во НАТО мисијата eVA.

- Вашата поддршка во eVA не е само политичка одлука, туку ја покажува вашата посветеност за одбрана на слободниот свет. НАТО донесе правилна одлука со членството на Северна Македонија во Алијансата, затоа што се докажавте како добри пријатели, рекол романскиот министер. 

Додал дека токму во овие кризни времиња Европската унија не треба да ја остави интеграцијата на Западен Балкан на страна и ја нагласил важноста на регионот на Црното море и за мирот во Западен Балкан и во Европа. 

- Докажавте во НАТО дека сте доверлив пријател, вие сте контрибутор на безбедноста и стабилноста на Западен Балкан, ќе бидете доверлив пријател и на Европската Унија, истакнал министерот Тилвар, стои во соопштението од МО.

Двајцата министри за одбрана оцениле дека веќе потпишаниот План за билатерална одбранбена соработка кој содржи 17 заеднички активности е показател за одличната соработка. 

Во рамки на денешната официјална посета, министерот Тилвар ќе оствари средба со врховниот командант, претседателот на државата Стево Пендаровски и ќе го посети Центарот за обука на пилоти во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец. цр/са/

Фото: Министерство за одбрана

Остани поврзан