• недела, 24 ноември 2024

Петровска - Тигањ: Три децении градиме блиски односи во одбраната

Петровска - Тигањ: Три децении градиме блиски односи во одбраната
Скопје, 9 февруари 2022 (МИА) - Северна Македонија и Хрватска точно три децении градат одлични, пријателски односи на сите полиња. Соработката во областа на одбраната е силна и интензивна, особено во доменот на военото образование и школувањата на припадниците на Армијата на хрватските воени школи, заклучија на денешната средба министерката за одбрана Славјанка Петровска и хрватската амбасадорка Нивес Тигањ. - Хрватска одамна е наш поддржувач и пријател на патот кон НАТО, но и кон Европската Унија и тоа ни значи навистина многу. Членството во НАТО кое го реализиравме и членството во Унијата се различни процеси, но имаат иста точка на спојување, а тоа е безбедноста, рекла министерката Петровска, стои во соопштението од МО. Таа порачала дека и досега во реформските зафати во нашата држава, многупати предвид ги земаме позитивните примери и реформи во Хрватска, што се покажало дека е вистинската одлука и дека реформите особено во безбедносниот сектор во Хрватска, функционираат и во Северна Македонија. Во контекст на НАТО, Петровска истакнала дека земјата останува цврсто на заложбата за алоцирање на два проценти од бруто-домашниот производ за одбраната до 2024 година и дека фактот дека годинава одбранбениот буџет изнесува 1,77 проценти од БДП покажува дека сме на добар пат. Амбасадорката Тигањ се заблагодарила за отвореноста за уште поголемо интензивирање на билатералната одбранбена соработка и за пријателскиот однос и на политичко и на воено ниво. Хрватска и Северна Македонија, освен билатерално, соработуваат и на регионално ниво како земји – членки на САД – Јадранската повелба и на иницијативата СЕДМ. цр/дма/

Остани поврзан