• четврток, 26 декември 2024

Петровска: Потпишан е договорот за набавка на системот за противвоздушна одбрана од Франција

Петровска: Потпишан е договорот за набавка на системот за противвоздушна одбрана од Франција
Скопје, 22 октомври 2022 (МИА) – Едногласно сите членки на Алијансата упативме порака дека ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина во одбраната на нејзината територија, нагласи министерката за одбрана Славјанка Петровска во дневникот на Канал 5 и порача дека Алијансата е подготвена да гарантира за секоја педа од територијата на секоја НАТО држава членка. На прашањето дали ќе испраќаме дополнителна воена опрема за Укрина, таа информира дека во тек се разговори за тоа што дополнително можеме да помогнеме и доколку се донесе одлука  јавноста ќе биде информирана. Петровска истакна дека остануваат на ветувањето дека согласно анализите ако се намалат безбедносните ризици или се отстранат, како што рече, во детали ќе соопштиме каков вид воена опрема и донација сме донирале. - Станува збор за оружје кое согласно нашите документи е декларирано за неперспективно, неупотребливо за нашата армија и од тие причини е истото дадено. Тоа значи дека украинските власти го побарале од нас и одговара согласно нивните потреби, одговори министерката за одбрана на прашањето дали со испраќањето на воена опрема за Украина се нарушува ефикасноста на нашата Армија. Во однос на тоа дали ќе добиеме некаква надокнада за тоа што како помош го испраќаме во Украина, министерката Петровска одговори дека неодамна е објавена финансиската помош од САД, што, подвлече, можеби не е директен договор помеѓу нас и Владата на САД, но јас би го нарекла тоа начин на кој тие ја ценат нашата ангажираност во поддршката на Укрина. - Она партнерство што го имаме и со САД и со неколку други партнери, кои се и воедно членки на Алијансата, само покажува уште еднаш и е доказ дека и покрај сите скептици и дезинформации, дека сојузниците се грижат едни за дури и се помагаат, истакна министерката Славјанка Петровска. Меѓу другото, таа информира дека во врска со дополнителни сили за поддршка на источното крило на НАТО, пред неколку недели Владата донела одлука за дополнително учество на припадници на Армијата на Република Северна Македонија во Романија и во Бугарија, покрај испратените во Латвија. Петровска информира дека е потпишан договорот за набавка на системот за противвоздушна одбрана од Франција и објасни дека стратешките документи за развој предвидуваат неопходност од ваков систем за Армијата. Инвестирањето во одбраната, нагласи таа, е дологорчен процес на планирање. На прашањето за потребата од враќање на задолжителен воен рок, таа вели дека лично смета дека нема потреба од враќање на воениот рок. Таа би сакала дебата, во која треба да се земат предвид сите предности, но и сите негативнсоти за тоа. - Поборник сум, иако нетипично за министер за одбрана или министер генерално, на тоа ако сакаме да создадеме систем во државата што ќе функционира, да тежнееме кон намалување на дискреционите права на политички избраните функционери, колку што е тоа во рамки на дозволеното. Тоа и мислев кога станува збор за избор на шеф или раководител на секторот за безбедност и воено разузнавање. Сметам дека тоа прашање треба да го отвориме во јавноста и сум подготвена да разговараме на оваа тема со експертите од оваа област и да го најдеме најдобриот модел. Моја лична заложба е генерално во Службите, особено во безбедносно – разузнавачките служби да ги сведиме на минимум можностите за било какво политичко влијание и сега и во некои идни времиња, рече министерката за одбрана Петровска. цр/

Остани поврзан