• вторник, 24 декември 2024

Петровска: Партиските трибини не се подготовка за предвремени избори, кои во оваа ситуација би биле луксуз

Петровска: Партиските трибини не се подготовка за предвремени избори, кои во оваа ситуација би биле луксуз
Скопје, 31 октомври 2022 (МИА) – Партиските трибини не се подготовка за предвремени парламентарни избори. Ако лично се прашувам, во оваа ситуација во која се наоѓа не само Република Северна Македонија, туку регионот, Европа, па и светот, предвремени парламентарни избори ни се повеќе луксуз отколку потреба. Ова го изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска вечерва во Топ тема на Телма, додавајќи дека партиските трибини се еден од инструментите што секоја  политичка партија ги применува за да биде блиску не само со членството, туку и со граѓаните. Дополнително, нагласи, како партија на власт имаме обврска да бидеме отчетни пред граѓаните. Од безбедносен аспект, потенцира министерката за одбрана Петровска, нема дилеми дека граѓаните може „мирно да спијат“, дел сме од колективниот систем на одбрана што е постојано буден и тука сме, рече, да одговориме на сите предизвици. Прашана кои се анализите во однос на ситуацијата во Украина и за можното најцрно сценарио, таа истакна дека сите анализи или информациии кои доаѓаат до нив по различни канали ги следат со  внимание. - Апсолутно 24 февруари оваа година покажа дека мирот не е загарантиран и не е даден еднаш засекогаш. Така што, ништо не исклучуваме, меѓутоа не би кревале дополнително  тензија во општеството. Но, мислам дека задачата на секоја институција, вклучително и на МО и на Армијата е да бидат подготвени. Работиме на сите планови, ги споделуваме навреме информациите, стигаат до нас навреме информациите. Она што не можам да го прифатам е она што се случува  во Украина, нападите на цивилните цели, нападите на нивната критична инфраструктура и се разбира тоа е со единствена цел Укарина да се предаде. Изминатиот период покажа дека тоа е лошо сценарио и нешто што тешко се остварува. Украинскиот народ покажа прилично голема храброст и отпорност кон тоа што им се случува, рече меѓу другото Петровска. Во однос на воената соработка со Бугарија, министерката Петровска нагласи дека имаме одлична соработка во областа на одбраната во различни сфери, се разменуваат информации, наши кадри се школуваат таму, а имаме и други заеднички активности. - Тоа е пример што треба да го следат и другите сегменти од општеството, порача министерката за одбрана. цр/лв/

Остани поврзан