• четврток, 26 декември 2024

Петровска: Не сум издала решение за отпочнување на изградба на малите хидроелектрани

Петровска: Не сум издала решение за отпочнување на изградба на малите хидроелектрани
Скопје, 11 октомври 2021 (МИА) - Не сум учествувала во издавање на ниту едно решение, ниту една дозвола коишто се предуслов за отпочнување на изградба на малите хидроелектрани, рече на денешната прес-конференција независната кандидатка за градоначалник на Скопје Ана Петровска, осврнувајќи се на последната ТВ дебата каде еден од нејзините противкандидати вели дека ставила потпис на 22 мали хидроелектрани. - Токму спротивното, државниот секретар нема никаква надлежност врз сите постапки коишто се однесуваат на издавање на дозволи или решенија. Јас за целото ова време додека бев во Министерството за животна средина и каде што бев и директор на Инспекторатот за животна средина постојано бев во комуникација со граѓанските организации и разменувавме информации за тоа на каков начин да ги водиме вонинституционалните процеси и да вршиме притисок врз органите коишто правеле штетни одлуки и одобрувале проекти кои имаат негативно влијание врз животната средина, нагласи Петровска. Таа на прес-конференцијата го покажа документот, за кој, како што рече, не е никакво решение, ниту дозвола, туку е едно писмо со кое државниот секретар по службена должност препраќа информација потпишана од министерот, од стручните служби, проверувајќи дали се административно исполнети сите правила до генералниот секретар на Владата. - Значи ова е една постапка каде што државниот секретар само ја проследува комуникацијата од Министерството за животна средина до Владата, рече Петровска, посочувајќи дека не прифаќа какви било шпекулации, манипулации и злоупотреби кои според нејзе се прават да се наруши нејзиниот углед и чест. Носителката на советничката листа на граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ Драгана Велковска нагласи дека во оваа кампања сведочиме на бројни примери за недолично однесување и отворено понижување на жени од страна на нивните политички противници. - Безброј кампањи за искоренување на насилството врз жените во политиката нема да имаат ефект доколку ваквите напади останат несанкционирани. На удар не се само жените, туку и сите оние кои бараат правда, демократски стандарди, здрава животна средина и добро просторно планирање, пристап до социјални услуги и квалитетно живеење. Наспроти исполнување на потребите на граѓаните во изминатите 30 години, политичките партии беа заинтересирани да ги остварат своите интереси за суров профит и демонстрирање моќ, а тоа не може да се промени во скоро време до колку не се променат партиите кои се на власт односно до колку не се промени структурата која е на власт. Затоа и го основавме Зелен хуман град со цел да ја вратиме контролата врз институциите на скопјани и така да се доближиме еден чекор поблизу до долгочекуваната слобода и да се ослободиме конечно од корумпирано владеење, нагласи Велковска. Додаде дека имаат визија за ново Скопје кое ќе ги исполнува потребите на граѓаните и имаат план како да стигнат таму. - Од исполнување на нашата мисија не се откажуваме дури и кога се обидуваат да не оцрнат со подмолни провокации во обид да ја манипулираат јавноста. Решително ја продолжуваме борбата како единствени кандидати кои искрено се борат за зелените вредности на овие Локални избори конечно по долги години слободата ни е вистински на дофат. Да дадеме се од себе заедно да си го вратиме Скопје, рече Велковска. мс/ац/        

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан