• среда, 25 декември 2024

Петровска - Коп: Одбранбената соработка со Холандија е исклучително важна

Петровска - Коп: Одбранбената соработка со Холандија е исклучително важна
Скопје, 2 февруари 2022 (МИА) - Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска имаше средба со амбасадорот на Кралството Холандија во Северна Македонија, Дирк Јан Коп, на која се потврдени одличните односи помеѓу двете земји. На средбата, како што соопштија од МО, е реафирмирана и заедничката посветеност кон вредностите и политиките на НАТО. - Членството во НАТО е нашиот најголем успех, придружен со бројни успешни реформи во одбраната. Континуитетот на започнатите процеси е од голема важност. Потенцијалите, особено како две сојузнички земји се големи и затоа треба да останеме амбициозни и да предлагаме и реализираме уште поголем број на активности, истакнала министерката Петровска. Таа се заблагодарила за досегашната холандска поддршка во развојот на одбраната и Армијата, за бројните обуки, курсеви и експертски средби, како и за придонесот во развојот на нашиот НАТО центар, Регионалниот центар за односи со јавноста. Амбасадорот Коп ја честитал успешната воена интеграција во НАТО и истакнал дека Холандија останува ангажирана на развојот на одбранбените односи со Северна Македонија. Министерката Петровска и амбасадорот Коп се согласиле дека има простор за зајакнување на соработката, особено од аспект на холандската експертиза за сајбер одбрана и можностите за заеднички обуки и тренинг на армиите на двете земји на полигонот Криволак и во Центарот за обука на вода во Охрид. цр/са/

Остани поврзан