• сабота, 23 ноември 2024

Петровска гласно ќе зборува за проблемите во СДСМ, Филипче подготвен да трпи критики и да формира широка платформа

Петровска гласно ќе зборува за проблемите во СДСМ, Филипче подготвен да трпи критики и да формира широка платформа

Скопје, 2 јули 2024 (МИА) - Нема да прифатам никаква функција во СДСМ, но и никој нема да ме замолчи, изјави во интервју за телевизија 24 пратеничката Славјанка Петровска и нагласи дека секогаш гласно ќе зборува за проблемите во СДСМ. Во врска со обвинувањата дека изборниот процес во партијата бил нелегитимен новиот претседател на СДСМ Венко Филипче смета дека е навреда за членовите некој да смета оти некој може да им влијае на тоа како ќе гласаат. Филипче во вечерашната Топ Тема на Телма, ваквите обвинувања ги нарече некоректни и потценување на членовите на СДСМ.

- Нема да прифатам никаква функција. Нема да бидам причина за неуспесите на СДСМ, ама преку какви било обвинувања некој се обиде да ме замолчи и за сметка на тоа да продолжат некои внатрешни игри, што му штетат на СДСМ и кои следната година ќе направат полош резултат, тогаш нема да има цена што ќе може мене да ме замолчи, па дури и да е критика, па дури и да биде побарана оставка од мене како пратеник. Јас немам проблем да сносам одговорност, но ако јас треба да бидам замолчена само затоа што јавно зборувам за прашања што мислам дека не треба да се случуваат во СДСМ, тогаш се потврдува мојата теза за заробена партија, рече Петровска.

Таа ги објасни причините и мотивите за нејзиното повлекување од изборите за претседател на СДСМ.

- Во последната недела од кампањата, се случуваа работи и стигнуваа информации од членовите низ државата, дека целиот тој процес за кој сите се залагавме да биде фер и демократски, ќе појави одредени аномалии што ќе фрлат дамка на изборите. Дополнително, и малиот број на активно регистрирани членови за гласање, укажуваше на тоа дека СДСМ се наоѓа во дополнително комплицирана и тешка ситуација, појасни меѓу другото Петровска.

Според неа, на списоците имало членови на други политички партии како „ЗНАМ“ и „ВМРО-ДПМНЕ“ односно, како што вели, членови кои на последните избори во 2024 година работеле за тие партии.

Филипче во врска со случувањата во партијата истакна дека е подготвен да трпи критики, под влијание на критики и други мислења, вели, да направам една широка платформа. 

Тој најави дека ќе се формира работно тело кое ќе раководи со партијата до следниот Конгрес на СДСМ во октомври, кога ќе бидат избрани новите раководни структури на партијата и ќе се спроведат статутарни измени. цр/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан