• четврток, 26 декември 2024

Петровска во посета на извидниците во кампот на извидничка смотра под мотото „Достигни ги височините“ во Крушево

Петровска во посета на извидниците во кампот на извидничка смотра под мотото „Достигни ги височините“ во Крушево

Скопје, 21 јули 2023 (МИА) - Министерката за одбрана Славјанка Петровска вчеравечер во Крушево го посетила кампот на Сојузот на извидници на Македонија кои деновиве под мотото „Достигни ги височините“, ја организираа 13. Македонска извидничка смотра на која учествуваа околу 800 извидници од 16 држави.

На младите извидници и љубители на природата, министерката Петровска им честитала што ги негуваат извидничките вредности и градат свет без предрасуди, стереотипи и дискриминација, а на претставниците на Сојузот на извидници на Македонија им порачала дека Министерството за одбрана ќе продолжи да ги поддржува активностите кои ги промовираат здравите животни навики и вредности.

- Ова искуство од вас како младина направи сложни извидници, кои знаат да ја ценат својата традиција, култура и кои меѓу своите врсници ќе ја прошират пораката за важноста на заштита на природата. Мене како министерка за одбрана ми е драго што со логистички придонес на Армијата на Република Северна Македонија бевме дел од оваа ваша незаборавна авантура, рекла Петровска, соопштија денеска од МО.

Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија ја поддржале организацијата на 13. Македонска извидничка смотра, чија програма има за цел да ги научи младите љубители на природата за различни животни вештини, целите за одржлив развој, културата и традицијата.

На 13. Македонска извидничка смотра учествувале над 800 учесници од 16 држави, кои во Крушево и околината имаа можност да стекнат нови извиднички вештини и знаења, но и да се запознаат со природните убавини и традиции на Северна Македонија. цр/нд/

Фото:МО

Остани поврзан