• четврток, 26 декември 2024

Петровиќ: Во МЗТ не дојдов да ги учам играчите да играат кошарка, туку да сфатат дека се најдобри

Петровиќ: Во МЗТ не дојдов да ги учам играчите да играат кошарка, туку да сфатат дека се најдобри
Скопје, 2 март 2022 (МИА) – Старо-новиот тренер на МЗТ Скопје Аеродром, Александар Петровиќ, се обврза на 18-месечна соработка со македонскиот кошаркарски првак. Тој на денешната прес-конференција зборуваше за целите на клубот и неговите очекувања. - По многу години се враќам во МЗТ, организациски нашиот најдобар клуб, а самото тоа обврзува да се постигнуваат највисоки резултати, а тоа е одбрана на шампионскиот трофеј и пласман во АБА 1 лига. Целите остануваат исти како од пред почетокот на сезоната. Што се однесува до тимот, ако го селектирав јас, сигурно би изгледал различно од сегашниот, но без разлика на составот одиме на сериозна работа, бидејќи не чекаат тешки натпревари, посебно во АБА 2 лигата. Јас не дојдов да ги учам играчите да играат кошарка, туку да ги натерам да сфатат дека се најдобри. Со моето искуство и знаење ќе се потрудам од нив да извадам максимум. На овој тим му треба само малку позитивна енергија. Се надевам на најдобар резултат, а тоа се освојување трофеи, изјави Петровиќ. Тренерот за наредниот период најави подмладување. - Имаме многу повредени, но не правам алиби. Штом сум се нафатил на оваа работа, одам со максимално залагање. Нашиот концепт е вклучување на неколку помлади играчи, како и две-три екстра засилувања. Овде има многу талентирани деца кои заслужуваат шанса, додаде Петровиќ. Извршниот директор на клубот од Јане Сандански соопшти дека за неколку дена ќе се знае дали Скопје ќе ја добие организацијата на завршниот турнир во АБА 2. - Наши ривали се Сараево и Белград. Имаме реални шанси да го добиеме турнирот. Најдоцна до 10 март ќе се знае одлуката, рече Ѓоревски. Завршниот турнир од второто по квалитет регионално кошаркарско натпреварување ќе се игра на 13, 15 и 17 април. зс/

Остани поврзан