• среда, 25 декември 2024

Петрески: Инфлацијата е увезена однадвор, засега нема потреба од корекција на каматите

Петрески: Инфлацијата е увезена однадвор, засега нема потреба од корекција на каматите
Скопје, 10 март 2022 (МИА) - Универзитетскиот професор Марјан Петрески смета дека во моментот нема потреба од корекција на каматите бидејќи засега инфлаторните притисоци доаѓаат само од страна на понудата. - Оваа инфлација е во целост увезена однадвор, преку цените на примарните производи, односно на енергенсите и храната. Засега инфлаторните притисоци доаѓаат само од страна на понудата, односно помалата понуда. Нема притисоци од страна на побарувачката, што се гледа преку податоците за потрошувачка на домаќинствата. Оттаму, во моментот нема потреба од корекција на основната камата, преку која се регулира побарувачката, т.е. преку зголемување на каматите да се дејствува врз намалување на побарувачката, истакна Петрески во синоќешното гостување на емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма. Посочи дека кога има притисок на страната на побарувачката тогаш треба да делува централната банка, но оти во моментот се уште не постои таков притисок за да треба да се менува каматната стапка. - На пример, потрошувачката на домаќинствата во 2021 година е на исто ниво како во 2019 година, пред пандемијата. Втор податок, растот на потрошувачките кредити на населението забавува. Тоа значи дека во најмала рака имаме стагнација кај побарувачката, ако не и некакво забавување. Во таа смисла било каква корекција на каматната стапка од страна на централната банка би влијаело негативно на ситуацијата во којашто се наоѓаме, оцени Петрески. Според Петрески, не очекува двоцифрена инфлација и ситуацијата е многу неизвесна бидејќи цените на светските берзи се менуваат од миг во миг. бак/лв/

Остани поврзан