• сабота, 23 ноември 2024

ИЈЗ: Расте бројот на новозаболени и на смртни случаи од рак на дојка, лани починале 346 жени

ИЈЗ: Расте бројот на новозаболени и на смртни случаи од рак на дојка, лани починале 346 жени

Скопје, 4 октомври 2024 (МИА) – Во изминативе четири години расте бројот на смртни случаи од рак на дојка во земјава, велат статистичките податоци на Институтот за јавно здравје во  новиот извештај „Морталитет и морбидитет од рак на дојка кај жени во Република Северна Македонија по повод одбележувањето на Октомври – Меѓународниот месец на борбата против ракот на дојка.

Во извештајот се посочува дека во земјава најчеста причина за смрт од малигни неоплазми кај жените во периодот од 2010 до 2023 година е ракот на дојка.

-Од рак на дојка во 2010 година починале 310 жени со стапката на морталитет од 30,0/100000 жени, во 2021 година 337 жени со стапка од 32,6, во 2022 година 356 жени со стапка од 38,5 и во 2023 година 346 жени со стапка од 37,5 на 100000 жени. Во анализираниот период се забележува тренд на пораст на бројот на умрени жени од рак на дојка, посочуваат од ИЈЗ.

 

Ракот на дојка е на прво место во бројот на новорегистрирани случаи од малигни неоплазми кај жени во Македонија во периодот од 2017 до 2021 година.

-Во 2017  биле регистрирани 808 новозаболени жени од рак на дојка со стапка на инциденца 78.03/100000 жени, во 2019 година 778 со стапка на инциденца 75.13/100000 жени, а во 2021 година 806 со стапка на инциденца 87.08/100000 жени. Во анализираниот период бројот на новозаболени жени од рак на дојка осцилира, велат статистичките податоци на ИЈЗ.

Месецот за подигање на свеста за ракот на дојка, кој се одржува во октомври секоја година, е воспоставен во 1985 година, со цел да се промовира скрининг и превенција на болеста, која секоја година погодува една од осум жени во САД, односно 2,3 милиони жени ширум светот.фф/са/

Фото: МИА архива/принтскрин од Извештајот на ИЈЗ

Остани поврзан