• петок, 27 декември 2024

Петнаесет здруженија бараат од Владата и МОН да обезбедат секое дете да го ужива правото на сеопфатно сексуално образование

Петнаесет здруженија бараат од Владата и МОН да обезбедат секое дете да го ужива правото на сеопфатно сексуално образование
Скопје, 15 септември 2022 (МИА) - Петнаесет релевантни стручни здруженија и граѓански организации, потписнички на Декларацијата „Со сексуално образование до поздрава и побезбедна младина“ денеска од Владата и од Министерството за образование и наука (МОН) побараа согласно дадените политички заложби и надлежности, да осигурат дека секое дете во државата ќе може да го ужива своето право на сеопфатно сексуално образование и да стекне вистински знаења, ставови и вештини за заштита на своето здравје, благосостојба и достоинство. На денешната прес-конференција организирана од ХЕРА - Асоцијација за здравствена едукација и истражување, беше нагласена потребата од воведување на сеопфатното сексуално образование како изборен предмет за учениците од деветто одделение во основното образование, темелено на научни и медицински факти и соодветно на возраста на децата, а кое е во согласност со принципите на Концепцијата за основно образование за родово-сензитивно и инклузивно образование. Извршниот директор на ХЕРА Бојан Јовановски, меѓудругото истакна дека е потребно организирање и спроведување на информативни кампањи за подигнување на свеста на јавноста за здравствените, емоционалните и социјалните придобивки за децата од учењето за сеопфатното сексуално образование, како и континуирано инвестирање во знаењата и вештините на наставниците од основните училишта заради ефикасно спроведување на изборниот предмет по сеопфатно сексуално образование. Потребно е, како што рече, и креирање на посебни и инклузивни програми и механизми за заштита од насилство и дискриминација врз децата во основните и средните училишта. Според Славица Гајдазис Кнежевиќ, директорка на Институтот за брак, семејство и системска пракса - Алтернатива, доколку возрасните не им ги дадат соодветните информации на децата, тие ќе ги наоѓаат таму каде што им се достапни, а како што вели, тоа се дезинформации базирани на заблуди. - Прашањето на сексуалност никогаш не било тема на која лесно се разговарало. Она што е значајно е ние возрасните да бидеме свесни за тоа колку ние молчејќи за вака важна тема ги загрозуваме младите членови, наместо да им обезбедиме права и информација, рече Гајдазис Кнежевиќ. Особено значајно во овој процес, како што посочува таа, е сознанието дека младите во период на адолесценција за првпат се сретнуваат со нивната сексуалност, како и нови чувства, и според нејзе сексуалната ориентација е мултифакторна, мултидимензионална, што може да биде од ист, различен пол или од двата. Таа додава дека голем број стручни лица го искривуваат во јавноста и предизвикуваат бурни реакции, и затоа имаме ситуации каде луѓе кои се по се исти со нас, освен по сексуалната ориентација се дискриминирани и етикетирани. - Воведување на сексуалното образование ќе обезбеди поголема инклузивност на сите млади кои се различни од доминантната група и ќе обезбеди заложбата за менталното здравје да ја видиме и во пракса, нагласи Гајдазис Кнежевиќ. Професорката на медицинскиот факултет Катарина Ставриќ, пак, во своето обраќање нагласи дека клучна улога за менталното здравје на децата имаат токму матичните лекари, бидејќи го следат нивниот развој од помали. Таа, исто така потенцира дека нивната цел е децата од млади години да бидат информирани за сексуалното репродуктивно здравје кое спаѓа во здравите навики на населението. Матичните лекари, според неа, треба да ги информираат младите како да го заштитат сексуалното репродуктивно здравје. Ставриќ сподели и загрижувачки податоци кои покажуваат дека младите не се консултираат со здравствените работници, туку информациите ги бараат онаму каде им се најдостапни, односно на социјалните мрежи и во разговори со пријателите. За Наташа Павиќевиќ Стојменовска, претставник од Здружението на социјални работници, значајно е децата преку сеопфатното сексуално образование да добијат една алатка преку која ќе бидат поттикнати и свесни за своето здравје, но и да им даде на тој нивен пат кон „возраноста“, одговори на прашања кои им се јавуваат во периодот на развој и себеспознавање. - Важно е да се направи еден систем на кој може да се потпреме дека децата и младите ќе бидат информирани точно, базирано на тоа што е научно докажано. За превенцијата воопшто не се зборува, па затоа сексуалното образование го гледаме како дел од мерките да се обезбеди безбедна социјална превенција меѓу младите, па понатаму и кај повозрасните, рече Павиќевиќ Стојменовска. Потписнички на Декларацијата се Здружение на социјални работници на Македонија - 3СРМ, Скопје; Здружение на лекари Албанци; Здружение на лекари по опа семејна медицина; Институт за брак, семејство и системска пракса - Алтернатива; Коалиција Маргини; Македонско здружение на гинеколози и опстетричари; Македонско здружение на млади правници; Македонско лекарско друштво - МЛД и стручно-специјалистички здруженија при МЛД; Психолошки центар - Алтернатива, Сојуз на специјални едукатори и рехабилитатори на Република Северна Македонија; Субверзивен фронт; ХЕРА - Асоцијација за здравствена едукација и истражување; Хелсиншки комитет за човекови права; Центар за психосоцијална и кризна акција - Малинска и Центар за семејна медицина при Медицинскиот факултет - Скопје. По прес-конференцијата, се одржува националната конференција на иста тема, на која учествуваат претставници на професионални стручни здруженија и граѓански организации, политички партии и пратеници, како и амбасадори од земјите на Европската Унија и Европскиот регион. мс/ац/

Остани поврзан