• среда, 13 ноември 2024

Петмина загинати откако „Деби“ го погоди југоистокот на САД

Петмина загинати откако „Деби“ го погоди  југоистокот на САД

Вашингтон, 6 август 2024 (МИА) - Најмалку пет лица загинаа откако ураганот Деби удри во Флорида, пред да ослабне во тропска бура. Деби се очекува да предизвика големи поплави во делови од Џорџија и Каролина во наредните денови, јави Би-Би-Си.

Националниот центар за урагани предупреди на „животозагрозувачка“ закана од поплави поради „бавнодвижечката бура“ која носи „обилни врнежи“.

Деби удри вчера наутро како ураган од категорија 1 во регионот Биг Бенд на Флоридскиот Заливски брег. Властите соопштија дека меѓу загинатите има и 13-годишно момче кое беше убиено кога дрво падна врз мобилен дом во Леви Каунти, во близина на Гејнсвил. Во округот Хилсборо, во близина на Тампа, 18-тонски камион излета во канал за време на бурата. Возачот беше пронајден мртов. Во округот Дикси, западно од Гејнсвил, беше соопштено дека жена и 12-годишно дете загинаа кога нивниот автомобил се судри во неделата вечер. Во јужна Џорџија беше пријавена уште една смрт - 19-годишно момче - откако големо дрво падна врз верандата на дом во Мултри, според локалните медиуми.

„Бавното движење на бурата може да предизвика катастрофални поплави“, изјави заменик-директорот на центарот за урагани, Џејми Ром.

Брановите и силните ветришта на Деби помогнаа да се извадат на брег 25 пакети кокаин, вредни повеќе од еден милион долари, во Флорида Кис, според американската гранична патрола.

Во Флорида, синоќа околу 150.000 домови и бизниси останаа без електрична енергија, според PowerOutage.com. Исто така, уште 36.000 жители во Џорџија и Јужна Каролина беа без струја.

Се предвидува дека бурата ќе го зафати брегот, носејќи врнежи на југоистокот на Џорџија и Каролина во текот на денешниот и утрешниот ден, пред да се придвижи кон внатрешноста на Јужна Каролина в четврток. Пред бурата да удри, гувернерот на Флорида, Рон ДеСантис, прогласи вонредна состојба за 61 од 67 окрузи во Флорида.

Метеоролозите предвидуваат дека оваа сезона на урагани, која трае од 1 јуни до 30 ноември, ќе биде интензивна.

Националната океанска и атмосферска администрација (НОАА) соопшти дека може да има до 25 именувани бури во 2024 година. Од нив, помеѓу осум и 13 бури може да се развијат во урагани.

Деби беше четвртата именувана бура годинава. Се смета дека климатските промени ги прават поверојатни бавните урагани како овој.
Како што светот се загрева нерамномерно, ова предизвикува промени во атмосферските циркулации што ги насочуваат бурите низ целата планета. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан