• четврток, 26 декември 2024

Петковиќ: Србија утре ќе побара итна седница на СБ на ОН поради укинувањето на динарот во Косово

Петковиќ: Србија утре ќе побара итна седница на СБ на ОН поради укинувањето на динарот во Косово

Белград, 4 февруари 2024 (МИА) - Директорот на српската владина канцеларија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, изјави дека српскиот народ во Косово е во „многу тешка ситуација“ поради одлуката на Приштина за преодниот рок за укинување на динарот и најави дека Србија утре ќе побара итен состанок на Советот за безбедност на ОН поради постоечките тензии, јави дописникот на МИА од Белград.

Петковиќ за РТС изјави дека косовскиот премиер Албин Курти започна криза што води до „спирала на насилство“ и оцени дека „Србите кои живеат во Метохија се во најлоша положба откако се повратници“.

-Причините поради кои бараме вонредна седница на Советот за безбедност на ОН е тоа што Албин Курти врши етничко чистење на српскиот народ на Косово и Метохија или, како што во правните конвенции е формулирано, создава неподнослив услови за живот намерно подложувајќи ги Србите на такви услови да не можат да опстанат во Косово и Метохија, туку да бараат излез, особено на подрачјето на централна Србија, рече Петковиќ.

Тој додаде дека во последната година повеќе од 14 отсто од Србите ја напуштиле територијата на Косово и живеат во централна Србија.

Според него, во саботата двајца вработени во Поштата во Гораждевац биле уапсени од косовската полиција и запленети се пари наменети за исплата на пензии на Србите.

-Тие беа задржани повеќе од 12 часа во полициската станица во Печ и беа испрашувани. Дури синоќа околу 20:00 часот им беше дозволено да си одат дома. Затоа, начинот на кој Албин Курти демонстрира сила кон српскиот народ на Косово и Метохија е апсолутно неприфатлив, сега оди дотаму што буквално им оневозможува на Србите да добиваат пензии и социјални бенефиции и тоа на Србите повратници, бидејќи токму тие четири милиони динари биле наменети за таков вид на плаќање, рече Петковиќ.

Тој оцени дека САД првпат „реагирале адекватно“ од почетокот на кризата и дека изјавата на Џефри Ховениер е охрабрувачка бидејќи го осудил нападот врз српските институции на Косово.

-Се разбира, Америка нема да ја промени својата политика кон таканареченото независно Косово и Метохија, но во овој случај, кога станува збор за укинување на динарот, што создава хуманитарна катастрофа во Косово и Метохија, гледаме поинаква реакција во српските кругови, изјави Петковиќ. об/мс/

Остани поврзан