• сабота, 23 ноември 2024

Петковиќ: Бeлград направи се, Приштина не сака решение, нова рунда од дијалогот веќе следната недела

Петковиќ: Бeлград направи се, Приштина не сака решение, нова рунда од дијалогот веќе следната недела

Белград, 18 април 2024 (МИА) - Директорот на Канцеларијата за Косово, Петар Петковиќ, денеска во Брисел, по петтата рунда разговори во рамките на дијалогот со посредство на ЕУ меѓу Белград и Приштина за динарот, изјави дека Белград направил апсолутно се за да се најде решение во однос на „едностраната и насилна одлука“ на Приштина за укинување на динарот на Косово, но дека Приштина не сака да најде решение, јави дописникот на МИА од Белград.

Тој најави нова рунда разговори во Брисел следната недела и посочи дека Белград ќе ја прифати и ќе покаже конструктивност.

Петковиќ порача дека меѓународната заедница треба да види кој е виновен во овој процес и кој нанел штета на народот на Косово и ги прекршил човековите права.

Главниот проблем е, како што рече Петковиќ, што Приштина ќе отфрли се што доаѓа од Белград.

-Излеговме со конструктивен предлог и тој предлог беше оценет од Брисел, односно од господинот (Мирослав) Лајчак и неговиот тим, како многу добра основа, односно солидна основа за продолжување на разговорите, што уште еднаш покажа дека сме страна која се грижи за пронаоѓање на решенија, посочи Петковиќ.

Тој изјави дека претставниците на Приштина дошле во Брисел, без да дадат никаков коментар или коментари за предлогот, односно идеите на Европската унија и дека тоа јасно покажува дека всушност другата страна не сака да се договори за ништо и не сака да најдеме решение кога зборуваме за динарот и платежните трансакции на Србија на територијата на Косово.

-Немаше тројна средба и директни разговори, бидејќи едноставно Приштина, која немаше предлог, не сакаше да разговара за нашиот предлог. Доаѓате во Брисел, немате свој предлог, а потоа не сакате да разговарате за предлогот на Белград, кој беше оценет како конструктивен, рече Петковиќ.

Тој истакна дека тоа е веќе петта средба во Брисел и оти не е постигнат напредок во решавањето на проблемот со платежните трансакции, а од друга страна, Србите на Косово од ден на ден страдаат поради едностраната одлука на Приштина и Албин Курти да ги забранат српските плати, пензии, социјалните надоместоци, да ја загрозат работата на српските институции, како училиштата, болниците, градинките. об/сд/

Остани поврзан