• среда, 20 ноември 2024

Петкова: Носењето на Закон за систем за проценка на лица со попреченост е со неискрена намера

Петкова: Носењето на  Закон за систем за проценка на лица со попреченост е со неискрена намера

Скопје, 14 септември 2023 

На Комисијата за труд и социјална политика се разгледуваше Предлог на Закон за систем за проценка на лица со попреченост. Ова е потполно нов закон со кој што треба да се регулира оваа проблематика.

Но, тука започнуваат проблемите. Целата процедура и идеја за носење на ваков важен и нов Закон е погрешна и очигледно се води со неискрена намера од страна на власта и мнозинството.

Еве и зошто.

Како прво, иако овој Закон е потполно нов, власта го предложи по скратена постапка и со европско знаменце. Повторно злоупотреба и повторно бегање од дебата. Второ, овој многу важен и нов Закон се предлага без никаква консултација и вклученост на сите засегнати и заинтересирани страни, здруженија и организации во подготовка и носење на овој нов закон.

Значи лицата кои што најдиректно се засегнати со овој

Закон, власта и мнозинството целосно ги игнорираат. Срамно и неодговорно. Трето, таканаречената „грижа“ на власта за оваа група на граѓани ја покажаа на вчерашната комисиска расправа кога за овој нов Закон колегите пратеници од мнозинството воопшто не учествуваа во дискусијата. Дополнително, ова ново законско решение го образложуваше човек кој ниту е повереник, ниту претставник, ниту пак предлагач на Законот. Токму ова јасно покажува што власта и пратениците од мнозинството мислат за оваа категорија на граѓани.

Четврто, дека станува збор за лошо законско решение кое нема да ги подобри условите на овие лица, туку напротив само дополнително ќе ги збуни, покажува и фактот што овој Закон ќе стапи на сила дури 18 месеци од неговото донесување, освен одредбите од третиот дел кој што се однесува на издавање на лиценци на лица блиски до оваа власт. Значи, намерата и идејата за носењето на овој нов Закон, не е помош на лицата со попреченост туку единствено начин и можност за богатење врз грбот на оваа категорија на граѓани.

Дополнително, ние како одговорни и сериозни пратеници, дадовме предлог да се прекине расправата и да се свика Интерпартиската парламентарна група која ја знае проблематиката на лицата со попреченост се со цел да се слушнат мислењата на сите кои членуваат во истата. Но и овој наш предлог беше одбиен од пратениците од власта, иако дел од нив се членови токму на таа Интерпартиската парламентарна група. Исто така, иако власта ги изостави здруженијата и организациите, ние остваривме средби со нив на кој што ги слушнавме конструктивните и суштински забелешки кои преку амандмани на Законот ги предложивме на Комисијата. Но, епилогот повторно беше ист.

Власта без нималку срам, амандманите ги одби.

Токму затоа, денес од оваа говорница пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата бара итно повлекување на овој закон, изработка на нов и квалитетен закон подготвен во тесна соработка со сите здруженија и организации бидејќи ова е закон кој не смее да се носи вака набрзина и преку ноќ и без претходни длабоки анализи, консултации и јавни дебати.
Ги повикуваме колегите од мнозинството конечно да почнат да работат во интерес на сите граѓани наместо да молчат и да аминуваат лоши законски решенија на штета на сите граѓани.

Ангелинка Петкова, пратеник на ВМРО - ДПМНЕ

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан